За Благоја Бежаноски,
Сосема тивко како што живееше на 63 годишна возраст почина Благоја Бежаноски, еден од најдобрите нуркачи во регионов.
Можеби за обичните луѓе не многу познат, меѓутоа за нуркачите човек икона, нуркач кој секој би сакал да е до него без разлика дали нурка во длабоко, плитко, дали бара давеници или вади бомби. Не постои нуркач во Македонија без разлика од кој клуб доаѓа, од кој нуркачки центар, што овие денови не тагува, не пуштил солза и не раскажува некоја анегдота од бројните нуркања низ Македонија со Благоја.
Секогаш скромен, насмеан, полн со знаење, еден од најдобрите подводни заварувачи, со огромен број свои иновативни решенија за секој проблем во механика, заврување, нуркање, деминирање. Енциклопедија за нуркање и заварување споени во еден човек.
Кога пред повеќе години баравме удавени лица во Водоча, Струмица, имаше шофер кој ни ја возеше опремата за нуркање до езерото каде нуркавме во екстремно ладна вода со минимална опрема. И шоферот ми вика: „разбирам дека Благоја го викате шверцер, сигурно шверцува нешто ама тебе зошто те викаат доктор. Абе чичко му викам Благоја во животов нема прекршок за возење направено не да шверцува, тој е толку чесен човек и професионалец, каков шверцер, а јас навистина сум доктор само тоа сега не е битно, гледај ти да ги најдеме удавениве“. И самиот незнам од кај му е прекарот шверцер ама кога ќе се видевме секогаш се смеевме за Водоча.
Мислам дека постар брат е мал збор колку го почитувавме и сакавме сите во клубот, со огромна почит кон неговото знаење, а пред се за неговото другарство, знаење и чесност. Колку и да ни беше тешко, ладно, без разлика каде ќе одевме секогаш викаше или бацка или другар ќе завршиме работа. Со огромна енергија беше мотор на сите потешки подводни работи, учествуваше на сите акции за спасување за Водици, заедно го деминиравме езерото и извадивме 20 тони бомби. Со огромен елан, знаење и добрина знаеше да ги победи сите тешкотии и сите проблеми. Ниту еднаш не се пожали на ништо.
Беше перфектен музичар, татко на двајца врвни музичари Мите и Игор Бежаноски кои од него го наследиле талентот за музика. Свиреше на кларинет за нуркачите со срце и душа.
Шверцер, фала ти за се што направи за нас, фала за компресорите кои ги сервисираше, фала за држачите за боците, фала за кислородот и манометарот за Болницата што ми го направи кога беше најтешко, фала за се што направи за клубот, за подводни дејности Охрид од Охрид. Фала што беше другар каков што никогаш повеќе не можеш да се најде. Никогаш повеќе езерото и клубот нема да имаат таков човек и пријател. Фала што не научи да бидиме чесни, скромни, да бидиме храбри, од ништо и од никого да не се плашиме, со чесност и образ да можеме да опстоиме сите овие години. И да си спокоен и мирен, ние никогаш не ги забораваме фамилиите, децата и внуците на нашите нуркачи со кои сме го делеле воздухот од една боца.
Горан Балевски,
Клуб за подводни дејности „Охрид“ – Охрид
Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите