Веќе подолг период жителите на улица Партизанска во Охрид во делот кај Факултетот за Туризам и Угостителство се соочуваат со сообраќаен метеж, неможност да пристапат до своите домови и да ги паркираат сопствените возила поради автобусите на разни туристички агенции кои се паркираат на улицата и остануваат тука повеќе денови и покрај тоа што паркингот се наоѓа на само неколку стотни метри.
Наместо да издвојат мала сума која е и во прилог на нашата општина за паркинг, агенциите ги оставаат своите автобуси на улицата, а многу често и ги мијат токму тука во центар на градот оставајќи ги жителите а и туристите кои се бројни во овој дел со грда слика на беззаконие и неред. Граѓаните често за овој проблем бараат помош од сообраќајна полиција каде во викендите примаат и по 20 тина повици.
А ниту инспекторатот до сега не презел мерки во однос на загадувањето на околината со отпадните води поради миењето на автобусите. „Во едне наврат кога бев сведок на вакво однесување од полиција го добив бројот на дежурниот комунален инспектор кој на 30 април одби да реагира велејќи дека го празнува 1 мај“ тврди Д-р. М. Смическа жител на улицата. Оваа непријатна глетка ја менува перцецсијата на туристите за нашиот град а нас ни го отежнува секојдневното функционирање и ја загрозува безбедноста во сообраќајот на оваа улица .
Исто се случува и на повеќе локации низ Охрид а особено е опасно долгото задржување на автобусите на булевар Туристичка во близина на ОУ Григор Причев а ги има дури и на кеј Македонија.
Очекуваме набрзо проблемот со автобусите Општина Охрид соодветно да го реши за да не се нарушува секојдневниот сообраќаен режим и безбедноста на овие улици во срцето на Охрид.
Од група граѓани, жители на Охрид
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите