Точно е дека за вкусовите не се дискутира и тоа е основно за да пробаме да се сфатиме и барем делумно да се почитуваме едни со други. На пример задник во тигарски хеланки некому му изгледа секси, во спротивно би биле забранети со закон; турбо фолкче весели нечии срца, ок е… само да се гледаме насмеани; нема преблаго или неблаго оти секој си има своја мерка на јазикот, ама има горчливо и ни горчи на сите, повеќе или помалку-горчи и не е ич пријатно …

Пострашно е што ние сме луѓе генерално воспитувани да голтаме горчливи вкусови и затоа слободно можиме да се наречeме огорчена нација; голтај неправди на школо за да не се срами татко ти на родителски, голтај чамче муабети од роднините за да не ги навредиш – ти не смееш да се навредиш ако три пати те прашаат зошто УШТЕ не си мажена, голтај ги лагите од партнерот – се за “љубов”, голтни навреда од пријател – обезбеди си уште поголеми во иднина, голтај безобразлуци од колегите за да не се замериш – нели попаметниот попушта, голтај си дневна доза фрустрации од надредениот оти “од тука леб јадиш”, …. Постојат уште милион варијации на горчина, сервирани на секој чекор, секогаш во изобилие и постојат многу од нас неосвестени дека голтајќи од горчливото сами стануваме пелин.

Кај одат нашите горчливи залихи? Преработени, исфилтрирани дел ги исфрламе од себе како нов облик на горчина (читај фрустрација) или ако сме на повисок левел со свеста и воспитувањето, голем дел задржуваме во нас и подоцна неизбежно се манифестираат во облик на некакво заболување. Од првиот начин на справување со ваквите залихи страда околината, од вториот страдаме самите ние, трет начин нема, значи добро решение не постои. Затоа постои превенција – АКО ГОРЧИ, НЕ ГОЛТАЈ! Не толерирај неправда – реагирај, не губи време со губитници, ќе се изгубиш себеси, не давај да ти задаваат болка, нив ке ги нема, тебе уште ке те боли, не очекувај да престанат, ти си тој кој дозволува да ти го полнат амбарот! Ти си тој што утре ќе се дере по келнерот, ќе го влече за врат музичарот, ќе ја тормози службеничката во банка, ќе пцуе на семафори, ќе урла по наставничката што го искарала малиот, ќе ја гњави козметичарката што нема слободен термин, ќе ја мразиш комшивката шо гласно се смее…ти ќе си алка што го одржува ланецот на горчината,ТИ ќе горчиш…

Секој што е свесен дека пелинот е отровен, нема да го голта и нема да го раздава наоколу, зошто би ако има толку повкусни нешта за размена. Не е страшно за промена да почнеме да си раздаваме љубов, во сите нејзини облици… секој ден по малку, секој ден некому… бесплатно е, а тешко се наоѓа; гарантирано ќе омекнат многу срца-ако грешам нека изгорам! 

Марика

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите