Под мотото „Македонистички гордорек“ денеска во Охрид беше свечено отворена 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на која учествуваат 65 македонисти од 17 земји.

Македонистите од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Р. Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник на 51. Меѓународна научно конференција ќе ја развиваат македонистиката како наука.

Една од нив е Олга Панкина, филолог дипломец на Московскиот универзитет и на македонски јазик на УКИМ, која со децении работи на промоција на македонскиот јазик, македонската литература, култура во Руската Федерација. Потврда за интересот за македонската литература во Русија е тоа што минатата година романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски ја доби наградата „Јаснаја полјана“, највиска литературна награда во Руската федерација за странска литература.

Подолго време ја промовирам македонската литература и култура во Русија. Во 2010 година во Москва формирав Македонски културен центар. Работата на МКЦ и сите мои преводи се во насока на популаризација на македонската литература, вели Панкина.

Многу ја сакам македонската литература и македонскиот јазик, рече Наталија Неделкова, поет и преведувач од Бугарија.

Имам неколку објавени книги на македонски јазик. Македонските автори се добредојдени во Бугарија. Секој јазик е богатство и има свој придонес во светската цивилизација. македонскиот и бугарскиот јазик се два различни јазици, додаде.

Меѓународниот семинар при УКИМ е пред нови хоризонти развивајќи процеси на афирмација, на македонистиката и лекторатите, рече во обраќањето пред присутните директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска.

Грижата за развој и поддршка на 11 лекторати на странските универзитети е наш и национален приоритет. Пред нас е отворање на нови лекторати и возобнова на згаснатите. Од годинава ги удостојуваме врвните македонисти востанувајќи награди „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката истакна Николовска.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова истакна дека науката за јазикот, но и континуираната и систематска грижа за македонскиот јазик и за неговата афирмација во светот се висок приоритет и на УКИМ и на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Токму дејноста на Меѓународниот семинар низ неговата 57 годишна традиција и активност континуирано го афирмира македонскиот јазик како средство на духовна и жива активност. Меѓународниот семинар покрај секојдневната студиозна настава од лекторски вежби, предавања, курсеви по избор, од годинава покрева и уште поактивен културен живот преку палета на активности кои ја красат програмата на летната школа, а тоа се промоции, курсеви за фолклор, културно-уметнички настани, музички настани, научни екскурзии, посета на Струшките вечери на поезијата… Дејноста на овој Семинар е висок приоритет на УКИМ на кој се дава максимална поддршка и афирмација, поаѓајќи од значењето на овој Семинар за македонистиката, Универзитетот и државата 2024 година ја прогласивме за година на македонистиката, сметајќи дека значењето на овој семинар е многу пошироко, интернационално, посочи Ангелова.

Од денес сум сигурна дека македонистичкото научно и културно семе ќе биде посеано уште еднаш, не само овде туку ќе биде и расфрлено ширум светот, рече во обраќањето  претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.

Со гордност ќе кажам дека дејноста на Семинарот е достоен континуитет на една величенствена мисија на сесловенските просветители, на првоучителите, на културните дипломати, визионерите, Светите Кирил и Медодиј, чија мисија доследно ја продолжија најверните нивни ученици Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски. Блаже Конески ја препозна мисијата на Светите Кирил и Медодиј. Македонскиот јазик и Семинарот за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имаат не само национално, туку и пошироко интернационално значење. За мене семинарот е сјаен преплет на врвна наука, едукација во пракса, развој на лекторати по македонистика во светот, соработки, вмрежувања, нови проекти, но пред се како и културна дипломатија. Развојот на културниот туризам како важна општествена и економска гранка, верувам дека како еден од приоритетите, навистина ќе вроди со плод.

Охрабрува податокот, додаде Сиљановска-Давкова, што македонистиката е во подем и што предизвикува голем интерес во светот, преку дејноста на 11 македонистички лекторати што треба да се зголемат, да се умножат и преку повеќе универзитетски центри, каде што се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура.

Ние треба или ние мора да покажеме институционална грижа за развој на дејноста на Меѓународниот семинар и лекторатите, потребно е да се развива високообразовна, научна и културна размена преку дијалог со светот, а важно е да се поттикнува и културната дипломатија што веќе ја споменав, која е прекрасен мост на соработка и прозорец кон светот, но и прозорец кон нашите културни трезори и најнови достигнувања, потецнираше.

Негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата Влада, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска укажувајќи дека од аспект на евроинтеграцијата на државата, тоа значи зајакнување на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на националната верзија на европското законодавство и обезбедување квалитетна поддршка во текот на пристапните преговори.

Поразувачка е реалноста дека сега има помалку лекторати по македонски јазик во странство, отколку во времето на СФРЈ. Затоа и во Програмата на оваа Влада како приоритет е зацртано одржување на постојните и отворање нови лекторати и курсеви по македонски јазик на универзитетите во странство. Зашто, за сите нас е трогателно кога слушаме млади луѓе од странски земји кои многу внимателно се трудат да зборуваат на македонски, пеат македонски песни и знаат да одиграат македонско оро. Ако ги оставиме на стихијата, овие примери ќе бидат сè поретки. Ако пак сите заедно, посебно државните институции и академските установи, посветат заслужено внимание на важноста на лекторатите како мали македонски културни центри во светските метрополи, ќе добиеме многу како држава, посочи министерката за образование.

Јаневска побара од академската сфера и професорите да ја зајакнат научната работа, посебно во делот на македонистиката и да предничат во севкупните напори за јакнење на македонскиот јазик како суштински елемент на националниот и културен идентитет на Македонците.

Ова е настан кој има сериозна симболика, кој треба да добива и добива поддршка од интитуциите. Ова е настан кој собира на едно место македонски како од државата, така и од светот, луѓе кои се наши амбасадори, го промовираат нашиот јазик и култура. Треба да правиме повеќе за афирмација на македонскиот јазик на меѓународно ниво, како преку соработката со нашата дијаспора, така и со ширење на кадтедрите за македонски јазик. Од гледна точка на нашата работа како Министерство за надворешни работи ќе преземеме мерки во идниот период за афирмација на македонскиот јазик, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

На програмата се културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и курс по македонски народни ора. Од преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите, се планира публикување на два зборника: Зборник „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот. Зборнците ќе сдоржат и две „Песнарки“  со „Кажувачки“ наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности.

Како што е најавено, на 30 и 31 август ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, со чествување на јубиларите, великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Слоганот на 51. Меѓународна научна конференција „75 за 75“ е во знакот на 75 години јубилеј од основањето на УКИМ, а се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“.

Овие дејци имале јасна визија и биле верни чувари на јазикот како врвно национално богатство и суштина на нашиот национален идентитет и култура. Затоа чествувањето на овие јубилеи нека претставува поттик, а доследно исполнување на светиот завет пред основоположниците на нашата национална култура, јазик и писменост. Континуираното повеќедецениско одржување на оваа школа е потврда за живиот научен интерес за македонскиот јазик како словенски јазик, за исконската преокупација не само на лингвистиката туку и на научната мисла воопшто со неговите корени, историски, јазични и други аспекти, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Наградите „Воздејства“ им беа доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот, а беа доделени и благодарници „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката, на Општина Охрид, АД Алкалоид-Скопје, АКУД Мирче Ацев, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Перчо Божиновски заменик градоначалник на Општина Охрид, Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид-Скопје и Благоја Јованоски, директор на АКУД Мирче Ацев.

Главен финансиски поддржувач на манифестацијата е Министерството за култура и туризам, а дел од програмските активности ќе се реализирааат и со поддршка од Општина Охрид, и со други поддржувачи. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура се одржува под покровителство на претседателката  Гордана Сиљановска Давковаи истата ќе трае до 29 август.

 

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска