Со дефиле на гостите по црвениот килим и прокеција на долгометражниот филм „Живот во розово“ посветен на легендарната Едит Пјаф, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ свечено  беше отворен Првиот фестивал на францускиот филм во Охрид. На фестивалот вкупно ќе бидат прикажани 11 играни и 4 кусометражни филмови.

На пристуните им се обратија организаторите на фестивалот, Претседателот на советот на фестивалот, Макс Азуле, градоначалникот на Охрид, Алексадар Петрески, амбасадорот на Франција во земјава, Бернар Валеро, како  и амбасадорот Јордан Плевнеш.

Во мај 2007 година кога ми ја изнесоа идејата за организирање на овој фестивал мислев дека тоа нема да биде можно, но јас тоа што не го знам го учам од другите и добро организирам, и еве, денес Охрид го има овој фестивал кој ќе стане традиционален и филмски ќе го заживее градот, ќе ги зајакне  врските со културните центри, а ќе придонесе и кон градење пријателство со Франција – рече во своето обраќање градоначалникот Петрески.

Амбасадорот Валеро своето обраќање го започна со зборовите – Добро вечер – и пред да го прогласат фестивалот за отворен, го именува амбасадорот Плевнеш во име на Француската Република во Витез на културата и литературата.

Бројни охриѓани и видни гости од земјава но и од Франција  продефилираа вечерва на црвениот тепих, а Охрид беше сведок на ретко организирано гламурозно фестивалско издание. Центарот за култура каде што ќе се прикажуваат франкофонските филмови веќе ги заврши подготовките и публиката ќе ја дочека во реновиран ентериер. Според најавите филмовите ќе се прикажуваат во современа техника, а случувањата во фоајето ќе можат да се следат на ЛЦД монитори. Буџетот на фестивалот изнесува околу 40 илјади евра.

Љупчо Танески