Над 960 невработени добиваат можност за самовработување со почнување свој бизнис преку Програмата за самовработување за која може да се аплицира од денеска. Огласот трае до 10 следниот месец и на него може да се пријават невработени лица активни баратели на работа евидентирани во Агенцијата за вработување.

-Ќе добијат обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистирање дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјал и менторство во тек на почнување на  бизнисот. Целта е да се даде поддршка на невработени лица за основање сопствена фирма, формализирање на веќе постоечка неформална дејност и создавање дополнителни вработувања, изјавил денеска во Скопје министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

За Програмата за самовработување, што АВРМ ја спроведува со поддршка на Канцеларијата на УНДП, за годинава од државниот Буџет се одвоени 202 милиони денари.

За програмата за самовработување може да се аплицира во 30-те центри за вработување низ државава. Од годинава нема да се пополнуваат хартиени формулари за аплицирање, туку директно во системот со помош на советници од Агенцијата за вработување.

Конкретно, финансиската поддршка за програмата за самовработување за годинава опфаќа обезбедување експертска поддршка во форма на обука за претприемништвото и водење  бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите во висина од 16.600 денари, финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали во  износ од 185.000 денари, како и финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали во висина од 240.400 денари за најуспешните 32 кандидати кои ќе презентираат одржливи и иновативни бизнис-планови и согласно со критериумите за евалуација се оценети за бизниси кои имаат најголем потенцијал за раст.

OhridNews