– Информативниот центар се градеше седум месеци. Во него ќе бидат сместени канцелариите на Националниот парк Галичица, а дел од објектот ќе биде уреден и за посетители. Во тек е уредување на просториите каде во иднина ќе се изработуваат проекти за заштита на животната средина како на самиот национален парк, така и од страна на локалните самоуправи, каде ќе се развиваат и најразлични едукативни проекти, изјави Зоран Ангелоски – директор на јавната установа НП Галичица.
Тој истакна дека во наредниот период се предвидува и изградба на ресторан каде ќе се подготвуваат исклучиво специјалитети кои се специфични за охридското поднебје, а делот околу ресторанот ќе функционира како пазар каде што локалното население ќе може да ги продава своите производи.
– Делот околу информативниот центар на површина од три хектрари ќе биде уреден како ботаничка градина во која ќе бидат засадени 176 дрвца кои што се автохтони во националниот парк, истакна Ангелоски. Тој објасни дека во наредните два до три месеци ќе се изгради паркинг просторот и ќе се работи на доуредување на надворешноста околу информативниот центар
Изградбата на деловно-информативниот центар која започна во март годинава, финансиски ја помогна италијанското министерство за надворешни работи во рамки на проектот за поддершка на НП Галичица кој се реализира во соработка со невладината организација од Сицилија“„Centro Reginale D’Intervento per la Cooperazionе – CRIC“.
-За проектот за НП Галичица планирано е да бидат донирани околу 2 милиони евра, а околу 200.000 евра се вложени во изградбата на Информативниот центар за посетители. Преостанува сега само уште локалната самоуправа да го поврзе објектот на канализационата и водоводната мрежа, истакна Роберто Рицо-секретар во амбасадата на Р. Италија во Македонија.
Градоначалникот Александар Петрески е изненаден од ваквиот став, бидејќи, како што рече, општината веќе ја дала неопходната помош за инфраструктурно поврзување на објектот.
– Општина Охрид ги ослободи инвеститорите од комуналии во вредност од 40.000 евра и не може да преземе обврска и да ја изгради канализационата и водоводната инсталација за објектот бидејќи тоа чини 100.000 евра, а згора на тоа локалната самоуправа нема ништо со и од изградбата на овој објект, појасни Петрески.