Официјално отворен за употреба градскиот базен „Атина Бојаџи“ во присуство на градоначалникот на Општина Охрид, директорот на ЈП „Билјанини Извори“, како и голем број деца кои дојдоа со своите родители да се запишат во Охридските пливачките школи кои наредните два месеци ќе одржуваат тренинзи на базените.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Пецаков истакна дека до овој момент пријавени се околу 300 деца, од кои некои ќе учат да пливаат, а други ќе ги усовршуваат пливачките техники, потенцирајќи дека како локална самоуправа успеале за кратко време да ги санираат базените, односно да се обојат коритата на олимпискиот и детскиот базен.
Сето ова се прави првенствено за пливачките школи да може да тренираат бидејќи пливањето е еден од најдобрите спортови за развој на нашите деца. Охрид порано бил расадник на млади и успешни пливачи, а нашата цел е тоа да се возобнови. За прв пат Охрид после 20 години ќе биде домаќин на Државно првенство во пливање на кое покровител е Општината, од 15 до 18 јули каде ќе настапат најдобрите пливачи од Македонија во сите генерации. На тоа првенство ќе можат да остваруваат резултти кои во иднина ќе можат да ги користат за добивање стипенди и тајминзи за настапи на европски и светски првенства. Во јули отворениот базен „Атина Бојаџи“ ќе биде домаќин и на Меѓународен митинг на кој ќе настапат пливачи од Србија Бугарија и Македонија во организација на пливачкиот клуб „Аква спирит“, истакна градоначалникот Пецаков.
Воедно упати порака до сите кои денеска прв пат ќе се сретнат со пливањето, но и до поискусните дека никогаш, ама никогаш нетреба да се плашат да изгубат бидејќи единствен начин да докажат дека се добри во спортот е да изгубат и со кренати глави да го поднесат поразот, бидејќи тоа, вели, ќе ви укаже каде грешите и каде треба да се подобрите. Надградувајте се постепено и успехот ќе биде неизбежен, истакна Пецаков.
Директорот на ЈП, Теодор Андоноски, рече дека уште од самото доаѓање на раководната функција заедно со градоначалникот се фокусирале на планот за подобрување на условите на градскиот базен „Атина Бојаџи“, знаејќи ја моќта на пливањето во здравиот развој кај децата, а дополнително и моќта која ја има во развојот на туризмот.
Оваа година започнавме со средување на коритата на двата базени олимпискиот и малиот базен и санација на трибините. За нас квалитетот на водата и безбедноста на нашите корисници во самите базени се главен приоритет. И затоа одлучивме стартот на средувањето на градскиот базен да биде токму од таму. Можеби за некој од нас кога ќе ги гледаме годините наназад и се што се правело или не околу подобрување на условите на базенот ова е голема работа. Верувајте дека за мене и нашата визија ова треба да биде само почетокот кон комплетно реконструирање на целиот комплекс кој е околу нас, додаде Андоноски.
Потенцираше дека со заедничка соработка во иднина целта е да се добие пливачки комплекс кој ќе претставува спортски симбол на градот каков што сите засужуваме.
Реконструкцијата е инвестиција на Општина Охрид и ЈП „Билјанини Извори“, а следната година ќе има дополнители инвестиции и за уредувањето на просторот околу базенот.
Н.С.Ј.