На 4 август на сцената на Античкиот театар во Охрид, со концерт посветен на оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, ќе започне јубилејното 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“, кој оваа година ќе се одржи со скратена програма и во вонредни услови на светска здравствена криза предизвикана од корона вирусот Ковид 19.

На концертот насловен како „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ, ќе изведат популарни арии.

Овој грандиозен проект на Антички на 4-ти август, датум кога се слави и роденденот на Фестивалот, ќе биде во знакот на првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 год. ја создаде магијата наречена „Охридско лето“. –  најави директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на прес конференција денеска на која беше презентирана програмата на 60-то „Охридско лето“.

Осврнувајќи се на актуелниот момент во кој ќе се одржи јубилејното издание на фестивалот, Поповиќ истакна дека за тимот на „Охридско лето“ најважна е успешната реализација на програмата и задоволната публика. Само така се гради брендот на една врвна институција како што е Охридско лето притоа почитувајќи ја традицијата градена со децении, додаде Поповиќ.

Целокупната програма ќе биде реализирана на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај, Предворје на Св. Софија, како и црквата Св Софија. Од 4-ти до 30 август таму ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, Србија, Италија, Хрватска, Велика Британија, Турција, Франција, Русија, Грција, Германија, САД, Босна и Херцеговина, Полска Словенија Косово Чешка Албанија и голем број уметници од земјава.

Фестивалот „Охридско лето“ е еден од најголемите промотори и афирматори на македонската уметност, на македонските композитори и изведувачи. Секоја година, на својата програма Фестивалот вклучува врвни домашни изведувачи, кои стојат рамо до рамо со оние светските, но е и сцена за најдобрите претстави на нашите театарски куќи. – рече Поповиќ.

На „Охридско лето“ публиката оваа година ќе има можност да види 26 концерти од кои два се во рамки на офф-програмата, истакна музичкиот селектор на фестивалот Даница Стојанова.

Програмата има прекрасна динамика, од самиот почеток до крајот претставува една голема музичка приказна која ќе го одбележи големиот јубилеј од 60 години на фестивалот и ќе ја прослави Уметноста преку различни музички композиции. Ќе чуеме дела од најраниот барок, преку класиката, романтизмот, импресионизмот, до современите светски автори како и дела од македонското класично творештво. – изјави Стојанова.

И оваа година во Охрид ќе настапат врвни музички имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ- САД, Фукио саксофон квартет од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, Масимо Мерчели флејта-Италија, мецо сопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет од Германија, Ариан Баке обоа Франција, Дуо Солипс. Од Македонија ќе настапат Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл Про Арс со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин и уште многу ексклузивни уметнички имиња.

Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, па и преку океан, со една единствена мисија, за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време, во градот каде за секој ден има по една црква, каде сонцето гали а езерото тихува, во Охрид градот на светлината и уметноста. – рече Стојанова.

Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди претстави од домашните театарски куќи. Публиката ќе има можност да ја види претставата „Сестрите прозорови“ работена по мотиви на „Три сестри“ од Чехов, коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев во изведба на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес. Драмски театар ја носи претставата „Чудесна терапија“ по текст на Даниел Глатауер во режија на Димче Николовски, а Театар Комедија ќе ја изведе претставата „Човек, ѕвер и доблест“ од Луиџи Пирандело, во режија на Егон Савин. НУ Гостиварски театар премиерно ќе ја изведе претставата „Полковникот Птица“ од Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски, а Театарот за деца и младинци ќе ја изведе претставата „Јованче и Марика“ од браќата Грим, во режија на Давор Драгојевиќ. Фестивалот свечено ќе биде затворен со преставата „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Билге Емин на НУ Турски Театар, Скопје кој годинава слави 70 годишен јубилеј.

Годинешното издание на „Охридско лето“ е посебно поради две работи. Едната е тоа што славиме 60-години јубилеј, еден многу убав настан а другата е тоа што Фестивалот се случува во едни посебни услови бидејќи времето во кое живееме е посебно. Одлуката сепак да се одржи оваа скратена верзија на фестивалот мислам дека е многу важна. Мораме да покажеме колку е важна уметноста, колку е важна културата. Едноставно е човек да се откаже, многу потешко е да се направи она што ние сега ќе го направиме. Самата драмска селекција преживеа различити промени во однос на тоа како се менуваше самата ситуација… во игра беше Бург театарот од Виена, Националниот театар од Будимпешта, Југословенско драмско позориште… и како се менуваше целата ситуација се обидувавме да следиме и во рамките на тие протоколи да пробаме да го направиме најдоброто. Како резултат на тоа е оваа програма која е направена од театри од нашата држава. – рече во видео обраќањето драмскиот селектор Александар Поповски.

Реализацијата на фестивалската програма ќе биде строго по утврдените протоколи и мерки дадени од Комисијата за заразни болести и насоките на Министерството за култура. Во рамките на јубилејното издание ќе биде промовирана и монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева -Ангеловска.

Покровител на фестивалот е  Претседателот на државата Стево Пендаровски.

Г.М.
Фото: А. Момироска