Свети Јован Крстител или уште како се нарекува Св. Јован Претеча живеел во исто време кога и Исус и тој всушност го најавува неговото доаѓање. Јован уште пред Исус ги крштевал луѓето во реката Јордан и притоа им велел „Јас ве крштевам со вода, но ќе дојде друг кој ќе ве крсти со Дух“. Јован го крстил и Самиот Исус во реката Јордан.
Во времето кога Јован проповедал во Палестина, во Галилеја владеел Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прославил со својот расипан карактер. Овој наследил некои особини од татко си, па ја избркал својата законита жена и живеел незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекорувал и го разобличувал за тоа, па Ирод го затворил. Во една прилика Ирод приредил гозба во својот дворец. Ќерката на Иродијада, Саломија, го восхитила Ирод со својата страсна игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и ветил се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка си, која не можела да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побарала главата на пророкот. Ирод наредил и Јован бил обезглавен. Иродијада продолжила да се изживува над мртвата Јованова глава и го избодела неговиот јазик со игли. Подоцна еден дворски слуга чесно ја закопал главата на свети Јован Крстител.
Денот на отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител меѓу народот се смета за голем празник кога не се работи, а овој ден е и строг пост.