Со градежна механизација се чисти коритото на река Грашница северно од булеварот „Туристичка“. Активностите се дел од проектот за доуредување на коритото на Грашница од „Туристичка“ кон „Железничка“, што го реализира Општина Охрид.
Претходно со средства на Општина Охрид се уреди коритото на Грашница јужно од булеварот „Туристичка“. Некогаш калливото корито сега е изѕидано со камен, а покрај реката изградена е пешачка патека. Сега ќе се уредува делот од коритото кон улица „Железничка“, со што ќе биде разубавен овој дел од градот.
И натаму останува предизвикот да се реши проблемот со загадувањето на оваа река. Имено, дел од куќите, но и цели згради на овој потег се уште не се поврзани на колектроскиот систем, а фекалиите од овие објекти завршуваат во реката Грашница која се влева во Охридското Езеро.
Г.М.