Со сослушување на обвинетиот Ѓорѓи Ѓорѓиески, во Основниот суд во Скопје денеска започна судскиот процес за сообраќајната несреќа во која на 16 октомври лани во Хрватска загина македонската музичка ѕвезда Тоше Проески. Кобното утро кај Нова Градишка, Ѓорѓески управуваше со џипот „туарег“ со кој Тоше патуваше за Загреб.
Ѓорѓиески видно психички изморен, пред судот кажал дека останува на исказот даден во истражната постапка, кој се разликува од ивештаите на хрватските и македонски вештаци. Тој рекол дека во моментот на несреќата возел со брзина од 100 километри на час, оти на автопатот кај Нова Градишка на места имало магла и не можело да се вози побргу. Според резултатите од вештачењата во Хрватска тој возел над 170 километри на час, а според оние направени во Македонија околу 150.
Ѓорѓиевски изјавил дека додека возел кон Загреб не бил изморен ниту поспан. Според исказот, тој забележал оти приколката од камионот што бил пред „туарегот“ се движела лево-десно во средната лента, но оти почнал да го претекнува откако камионот се стабилизирал. Во моментот на претекнувањето кога предните тркала на џипот биле паралелни со задните на камионот, забележал дека камионот со кабината навлегува во негова лента. Почнал да свири и да блиндира, но задниот метален браник на камионот влегол меѓу крилото и тркалото на џипот, по што му пукнала гумата. Ѓорѓевски тврди дека се обидел да го избегне сударот, но камионот го завлекол „туарегот“, го извртел, по што удрил во банкината на автопатот.
Олеснителна околност за Ѓорѓиевски е што семејството Проески се откажа од негово кривично гонење, но Обвинителството покрена постапка по служнена должност. Тој се товари за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици, за што е предвидена затворска казна од една до пет години.
На денешното рочиште не се појави Љиљана Петровиќ, менаџерката на Тоше.
ohridnews