Во рамки на владината мерка за еднократен отпис на долгови на до сега им се отпишани долгови на 9.000 семејства. Најголемиот дел од отпишаните долгови се за струја, потоа кредити и минуси на трансакциски сметки и за долгови за радиодифузна такса и топлинска енергија. Вкупно во рамки на мерката се поднесени 41.765 барања и се работи на подготвување решенија.
На триесетина од нив денеска им беа доделени решенијата за отпис на долговите. Решенијата во Владата ги додели премиерот Никола Груевски, во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
-Во духот на нашите заложби засновани на начелата на хуманизам, социјална праведност и солидарност изминатата година ја донесовме мерката за еднократен отпис на долгови на граѓани. Ова беше наше изборно ветување и беше директно наменета да помогне на најпогодените наши граѓани, рече премиерот Никола Груевски на доделувањето на решенијата.
Тој додаде дека еднократниот отпис на долгови на граѓаните е мерка која директно се однесува на корисниците на социјална и постојана парична помош, невработените лица кои бараат работа повеќе од 12 месеци и лицата изложени на социјален ризик поради тешка болест, настапена инвалидност или смрт на брачниот другар.
Барања за отпис на долговите граѓаните можеа да поднесат од 18 август до 13 октомври минатата година. Се отпишуваа долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година. Барања можеа да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени подолго од 12 месеци и лица кои имале смртен случај или инвалидитет во семејство кои не можеле да ги исплаќаат обврските.
OhridNews