Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, синоќа, во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше отворена изложбата „Колажна приказна“ на познатата планинарка, еколошки активист и ликовен уметник Илина Арсова. 

-„Колажна приказна“ е ново ликовно излагање од авторката Илина Арсова која низ низа колажи и слики уште еднаш го покажува својот емотивен спој на природата и уметноста. Колажите се создавани во последните две години од разни отпадни материјали. Таа буквално го претвора целиот свој личен отпад во слика, користејќи го постоечките бои и текстури на текстил, пластика и хартија врз која дава свој потпис преку интервенција со боја и цртеж. Давајќи креативна димензија на веќе изумрените материјали, Арсова пренесува глобална порака за подигнување на еколошката свест кај народот, спас на планетата Земја и зачувување на природното и културно наследство на Охрид.-истакна промоторот на изложбата Енис Хилми.

На Арсова ова и е 13-та самостојна изложба, а прва во Охрид, каде таа живее од пред три години.

 -Ова е нова техника каде што се обидувам да ги искористам сите оние материјали кои ги преплавуваат нашите подруми и тавани, со коишто сме емотивно поврзани, бидејќи сите знаеме дека и едно  ливче ни е тешко да го фрлиме затоа што ќе ни буди некаква емоција. На овој начин јас се збогувам со таквите предмети, но од друга страна им давам нов живот со тоа што ги претворам во ликовно дело. Оваа техника се уште ја истражувам со користење на текстил, пластика, хартија и секаков друг отпад. Но во вечерашната поставка има и сликарски дел од мојата последна – охридска фаза. Веќе три години има како живеам во Охрид и секако тој е мојата нова инспирација.– изјави Арсова.


Илина Арсова

Илина Арсова како дипломиран ликовен уметник, но и страстен скијач, планинар и вљубеник во планините, веќе подолго време го истакнува емотивниот спој на спортот и уметноста. 

– Некој основен материјал секогаш носам со мене, дали се тоа основни пигменти или ќе се служам со боите кои ги наоѓам таму на планината и со некое мало парченце од четката успевам да направам некаква слика секаде каде што одам. Кај мене планината и уметноста се неразделни.-рече Арсова.

Илина Арсова е родена во Скопје, 1982 година. Има организирано самостојни и групни изложби во земјава и надвор од неа, а добитник е на многу награди и признанија. 

Г.Момироски