Синоќа во галеријата при Куќата на Робевци беше отворена изложбата на икони од охридскиот ликовен уметник Ванчо Димоски.
Охриѓани имаа можност да се запознаат со 26 прекрасни дела на нашиот сограѓанин, создадени со древните техники и технологии кои се користеле уште во 13-тиот век.
„Со иконопис, односно со истражување на техниките и технологиите со кои биле создавани старите икони се занимавам последните неколку години. Тоа е класична технолија која се користи уште во 13-тиот век, со која се направени голем број икони од охридската збирка која важи за една од најбогатите во светот.“ – вели охридскиот ликовен уметник, Ванчо Димоски.
Како што појаснува Димоски, процесот на создавањето на овие уникатни дела е комплексен, а при истиот е користен третманот на конзервација и реставрација.
„Бидејќи дрвата се стари, со реставрација целосно се чистат сите микрорганизми кои се внатре во самото дрво. Најпрво се става класичниот грунт од туткано лепило, после се оди со позлатата, па најпосле доаѓа сликањето со пигменти и емулзија.“ – појаснува Димоски.
Никола Николоски, кустос советник историчар на уметност со археологија, за Димоски вели дека е еден од младите уметници кои серизоно ги проучуваат старите техники на иконопис.
„Со огромен труд и ентузијазам длабоко навлегува во истражување на древните техники и технилогии за практично да го применува стекнатото знаење врз своите дела. Притоа постигнува завиден успех и станува лесно препознатлив, што е одлика на вистинките уметници.“ – вели Николоски.
Тој потенцира дека Охрид како еден од најголемите духовни средновековни центри поседува извонредна колекција на икони, односно една од најгобатите и најубави во светот.
„Иако иконописната традиција е групо прекината во 15-тиот век со паѓањето на градот по османлиска власт, таа продолжува во осамените цркви и манастири за повторно да заживее во 19-тиот век. Дваесетиот век е означен со пустошења од балканските и светските војни и разноразни доктрини, кои не се поволна почва за христијанската уметност на ова тло. Дури на крајот на 20-иот и почетокот на 21-вото столетие почнува сериозно проучување на старите техники од млади уметници кои знаењата ги стекнале на повеќе универзитети на Балканот.“ – потенцира Николоски.
Инаку, Ванчо Димоски е роден во 1980-та година во Охрид. Дипломирал 2006-та година на Факултетот за ликовна уметност Скопје во класата на професор Симон Шемов, сликарство со конзервација и реставрација. Зад себе има девет самостојни изложби, а учестувувал на повеќе групни и ликовни колонии во земјава и странство.
O.T.