Четириесет и пет дела од 42 автори се избрани на вториот конкурс на Министерството за култура за откуп на визуелни уметнички дела и 18 скулптури на 15 автори се избрани на конкурсот за откуп на скулптури од галериски формат.
Пристигнале вкупно 128 пријави за 313 ликовни дела, а на конкурсот за откуп на скулптури биле доставени 42 пријави за 97 дела. Изборот според утврдени критериуми го направи стручна комисија, во состав: Викторија Васева-Димеска, Маја Неделковска-Брзанова, Сафет Ахмети и Конча Пирковска, а резултатите денеска на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
За овој проект Министерството за култура намени 6 милиони денари. Највисокиот износ за откуп на уметничко дело на вториот конкурс е 5.000 евра.
Целта на проектот, кој Министерството го почна минатата година со првиот конкурс на кој беа откупени 64 ликовни дела на 60 македонски автори, е да се збогатат фондовите на националните установи – Музејот на современата уметност, Националната галерија на Македонија и на останатите институции од областа на културата.
Канческа-Милевска истакна дека авторите на делата кои се откупени се уметници кои дале исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Македонија, учесници на значајни групни изложби или манифестации во земјава и во странство, како и дела од млади уметници со истакнат ликовен израз.
Меѓу авторите чии дела се откупени на вториот конкурс се: Томо Шијак, Драгутин Аврамовски-Гуте, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Вангел Наумовски, Нове Франговски, Јован Шумковски, Благоја Маневски, Коле Манев, Ацо Станковски, Нехат Беќири, Сергеј Андреевски, Ирена Паскали, Јасминка Новковска, Данчо Ордев…, а на конкурсот за откуп на скулптури откупени делата на: Јордан Грабуловски, Стефан Маневски, Илија Аџиевски, Александар Ивановски-Карадаре, Васил Василев, Станко Павлески, Исмет Рамиќевиќ, Беди Ибраими, Жарко Башески…
OhridNews