Најчесто во случај на голема катастрофа се замислува како луѓето би можеле да се повлечат и да живеат под вода или земја, но тоа досега не е остварено, иако постојат голем број планови за изградба на подводни комплекси. Белгискиот архитект Винсент Калебот ги откри своите планови за серија подводни еко-села кои во иднина можат да бидат дом за 20 илјади лица. Проектот “Aequorea” се состои од самоодржливи спирални океански „облакодери“ кои се изградени на дното од морето, а допираат до површината на водата, каде функционираат како пристаништа. Осмислени во облик кој потсетува на медуза, овие небодери би требало, според неговите планови, да бидат изградени од рециклирана пластика.

Овој комплекс во себе би содржел канцеларии, хотели, спортски терени, лаборатории и фарми на повеќе од 250 ката, и би се одело до длабочина од еден километар. Морската вода би била дестилирана за да може да се користи за пиење, мокроалги би го рециклирале органскиот отпад, а како извор на светлина би се корстела биолуминисценцијата. Сите овие згради би биле изградени така да бидат сигурни од бури и земјотреси. Нивната геометриска структура и тежина би биле ускладени со морските текови, а дебелината на материјалите би се зголемувала од површината кон дното, поради поголемиот притисок на поголема длабочина.