Остатоци од метал, појаси за спасување и други материјали кои најверојатно му припаѓаат на францускиот Ербас кој пред два дена исчезна над Атлантскиот Океан се пронајдени на површина на водата широка околу 5 километри. На местото каде со голема веројатност се претпоставува дека се урнал авионот со 228 патници и членови на екипажит биле забележани и траги од керозин.
Авионот паднал на место каде длабочината на океанот достигнува речиси 5 километри. Експертите стравуваат дека црните кутии можеби никогаш нема да бидат пронајдени затоа што океанското дно на местото на падот е во форма на планина.
Несреќата што се случи на летот од Рио де Женеиро до Париз сеуште е обвиена во мистерија. Посадата на авионот Ербас А330-200, кој се смета за еден од најбезбедните во светот, не испратила никаков сигнал за опасност, освен автоматската порака за откажување на електрониката што била емитуванана непосредно пред леталото да исчезне од радарите. Како можна причина за несреќата се наведува невреме, а не се исклучува можноста ербасот да бил цел на терористички напад. Во прилог на ваквите, непотврдени претпоставки оди и податокот дека непосредно пред полетувањето од Рио имало дојава за подметната бомба во авионот кој час и половина бил претресуван од бразилските безбедносни сили. Што точно се случило на кобниот лет преку Атлантикот можеби никогаш нема да се дознае.