Големо количество на хелиум, гас што е многу скапоцен во медицински цели и за индустриски потреби, било пронајдено во источно-африканската долина во Танзанија, пренесува „Макфакс“, повикувајќи се на „Thomas Abraham-James/Helium One“.
Овој гас е многу важен за апаратите што се користат во медицината како што се магнетната резонанса, телескопите и мониторите на радијација. Научниците велат дека само дел од резервите од оваа долина е доволен да се наполнат повеќе од милион МРИ скенери.
Професорот Крис Балентајн од Универзитетот Оксфорд рече дека со ова откритие се покриени потребите на општеството за хелиум и дека во иднина ќе бидат пронајдени нови наоѓалишта, пренесува ББЦ.
„Можеме да ја примениме истата стратегија во другите делови на светот со слична геолошка историја за да откриеме нови наоѓалишта на хелиум“, изјави Пит Бери, професор на Универзитетот Оксфорд.
Овој драгоцен гас до сега беше откриен во само помали количества при трагањето по нафта и природен гас. Благодарејќи на примената на нов пристап, истражувачите пронашле огромни количества од овој гас во Танзанија.
Се проценува дека на оваа локација има повеќе од 1,5 милијарди кубни метри хелиум, што е двојно повеќе од она што го има во САД, најголемиот светски производител.
Хелиумот е втор најраспространет елемент во вселената. Го има во сите ѕвезди, а на Земјата се формира со бавен и постојан радиоактивен распад на карпите.
OhridNews