Во чест на основачот на меѓународниот Црвен крст, Анри Динан на 12 мај во Охрид беше откриена спомен биста на големиот хуманист и нобеловец.

Бронзената биста што ја изработија швајцарските уметници Лук Јаги и Џенифер Делапанк утрово беше поставена пред зградата на охридскиот Црвен крст. Иницијативата е на невладината организација “Анри Динан“ од Струга, а бистата е донација на истоимената организација од Швајцарија.


„За ова ќе се слушне и во Женева“. Рожер Дуран (во средина)

На свеченоста присуствуваше претседателот на друштвото “Анри Динан“ од Женева, Рожер Дуран, кој истакна дека со поставувањето на бистата Охрид и Македонија му одаваат почит на големиот хуманист кој целиот свој живот го посвети во помагање на настраданите во војни и се бореше за мир и толеранција меѓу луѓето.

Идејата на Анри Денан од 1859 ја спроведуваат милиони луѓе, а поставувањето на спомен обележјето во негова чест преставува поттик повеќе и натаму да чекориме по стапките на хуманоста, истакна претседателот на охридскиот Црвен Крст, Сашо Точко.

Се очекуваше на  свеченоста да присуствува и правнуката на Динан, Кристина, но поради оправдани причини не беше меѓу присутните.

Поставувањето на спомен бистата на Анри Динан во Охрид се совпаѓа со одбележувањето на неделата меѓународниот Црвен крст и полумесечина.

Г. М/С.К.