Мермерна археолошка плоча испишана со арапски букви била откриена на граничниот премин Табановце, при контрола на автобус со македонски регистарски таблички, кој сообраќал на редовната линија Охрид-Белград.

Од Цaринската управа на Република Македонија информираа дека мермерната плоча е пронајдена во кеса сместена во пластична торба која била во сопственост на руски државјанин, патник во автобусот.

Пронајдената плоча била предадена на Национална установа Археолошки музеј на Македонија заради вештачење, од каде е издадено стручно мислење според кое мермерната плоча преставува „дел од надгробен споменик, кој според наведените карактеристики може да датира од втората епоха од османлиската епиграфија, поточно од 16 до 18 век“, со што преставува споменик на културата.

Против сторителот била поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Изнесување односно извезување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, а судија на претходна постапка му изрекол мерка безбедност одземање на патна исправа.

OhridNews