Во Јапонија била пронајдена врста полжави способна рефлексно да го исфрли задниот дел од телото како би се спасила од напад на далеку побрзи предатори. Способноста за автотомија, која е присутна кај некои животни како што се гуштерите, крабите и црвите, досега не била забележана кај полжавите, навел јапонскиот истражувач Масаки Хосо, член на јапонското друштво за промоција на науката, чија студија била објавена во аналите на британското кралско друштво.
Овој вид полжави, кои живеат на островите Исигаки и Ириомота, во архипелагот Окинава, можат во случај на животна опасност, да го отсечат задниот дел од телото. Хосо објаснил дека оваа тактика и дава доволно време безбедно да се вовлечат во куќичката каде се надвор од дофат на предаторите. Полжавите потоа мораат да сочекаат неколку седмици откинатиот дел повторно да им израсне.