Новиот роман на британската писателка Хелен Филдинг, која се прослави со хит романите за бурниот живот на Бриџит Џонс, ќе носи наслов „Бриџит Џонс: луда за момчето“, соопштиле издавачите. Книгата ќе биде продолжение на романтичните и професионални авантури на познатиот лик која се соочува со модерното време на друштвените мрежи.


Филдинг навела дека Бриџит Џонс е постара и дека нејзиниот живот се променил, само прашање е колку. Првите два романи за Бриџит Џонс беа светски бестселери. Објавени се во повеќе од 40 земји и продадени во тираж поголем од 15 милиони примероци. Според нив се снимени филмските хитови со Рене Зелвегер, Хју Грант и Колин Фирт.