Министерството за труд и социјална политика, преку Државниот инспекторат за труд, започна постапка за испитување на случајот со врачување отказ на новинарот Тамара Чаусидис.

– Инспектори на Трудовиот инспекторат, во согласност со законот, а по добиен глас од медиумите, веќе се испратени да остварат надзор за утврдување на сите апсекти на случајот, и да увидат дали на било кој начин се загрозени или попречени правата од работен однос на новинарката Чаусидис, како и да испитаат дали се почитувани законските прописи, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

На Тамара Чаусидис, инаку претседател Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници,  деновиве и е раскинат договоот за работа од страна на телевизијата Алсат М врз основа на спогодбена согласност за отказ.

Потегот на телевизијата заеднички го осудија Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници, Здружението на новинарите на Република Македонија (ЗНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), кои на заедничката прес конференција, вчера,  алармираа за праксата, која како што потенцираат, ја применуваат работодавачите за да се ослободат од непослушните работници, особено во медиумскиот сектор.

Тие упатија апел до сите други репрезентативни синдикати во Македонија да се активираат со цел таквата појава да се искорени , а за оваа пракса, посочуваат, е информирана Меѓународната и Европската федерација на новинари.

Чаусидис најави дека ќе покрене и судска постапка.

OhridNews