Грција е загрижена поради откажувањето на голем број од туристичките аранжмани за претстојната летна сезона. До сега се откажани 20 отсто од аранжманите, што се должи на внатрешните немири и насилството кои беа предизвикани од економската криза во земјата на која ЕУ неодамна и одобри 130 милијарди евра помош за да го заштити еврото.

За да спречи целосен крах на туристичката сезона формиран е кризен штаб, а првичните пресметки се дека откажувањето на резервациите ќе донесе загуби од десетици милиони евра на грчката економија. Секој петти грк работи во туристичкиот сектор, а приходите од туризам изнесуваат петтина од брутодомашниот производ на Грција.

Домашните туристички работници се воздржани во коментарите за влијанието на кризата во Грција врз македонскиот туризам, но предупредуваат на претпазливост.

-Кога мечката игра кај комшијата се знае дека ќе дојде и кај нас и на тоа не треба да се радуваме, бидејќи на крајот сме сите губитници, вели Дончо Танески од Хотелската асоцијација на Македонија.

Тој посочи дека туристичките аранжмани во Грција направени од балканските тур-оператори и тоа што е продадено во пакет со организиран превоз нема да се откаже.

-Нема голем простор за маневар, освен кон индивидуалните патници, но останува како град да го искористиме она што го имаме создадено како рејтинг во земјите од опкружувањето како најдобра балканска дестинација за младите, како и неодамна добиеното признание во Србија за најгостопримлив град на Балканот, истакна Танески.

Според него за да се направи нешто повеќе во претстојната сезона потребно државата и општината да ги здружат напорите и доколку се направи атрактивен маркетинг и промоција во повеќе региони во соседството може летниот шпиц во Охрид да биде многу добар.

Г.М.