Македонија бара нов инвеститор за земјоделскиот комбинат „Џумајлија“, откако индискиот бизнисмен Субрата Рој не ја реализираше најавената инвестиција, објави „Вест“.
Министерството за земјоделство денеска треба да објави јавен повик за прибирање писма за интерес за закуп на комбинатот. Повикот е отворен до 22 април годинава, по што ќе распише оглас за електронско наддавање.
-Изборот на новиот инвеститор ќе се прави со електронска лицитација, бидејќи земјиштето е поголемо од 10 хектари. На закуп се става површина од вкупно 4.435 хектари, за која заинтересираните компании ќе треба да достават бизнис-план со износ на вкупните инвестиции, опис на применетите технологии, спецификација на механизацијата и планираниот број вработени по години, велат од Министерството за земјоделство.
Владата се откажа од Субрата Рој лани во ноември и ја наплати банкарската гаранција од три милиони евра, бидејќи фирмата на контроверзниот бизнисмен регистрирана во Македонија под името „Сахара груп“ не го испочитува договорот за закуп. Според договорот, „Сахара груп“ требаше да плаќа годишен закуп од 121 илјада евра. Во првите 18 месеци требаше да набави најмалку 8.000, за три години 20.000 крави и да вработи 2.000 лица.
Освен во земјоделство, индискиот бизнисмен најавуваше вкупни инвестиции во Македонија од околу три милијарди евра. Неговата компанија требаше да изгради луксузен туристички комплекс во Љубаништа, на охридското крајбрежје, како и да отвори продукција за снимање индиски филмови.
OhridNews
Извор:„Вест“