Неверојатно, но вистинито, се зборовите со кои може да се опише животната приказна на 57-годишниот ирец Боб Мек Никол. Пред две години тој го изгубил видот во експлозија. Повторно прогледал откако докторите во окото му вградиле заб од неговиот син.
Иако пред две години , кога очите му настрадале при експлозија на течен алуминиум , лекарите прогнозирале дека неговото слепило е трајно,чудотворната операција му го вратила видот.
Операцијата се нарекува остео-одонто-кератопротеза(ООКП) и ја извел англискиот доктор Кристофер Лиу во болницата Sussex Eye во Брајтон. Техниката која датира од 60-тите години од минатиот век се базира на вадење корен од забот и дел од вилицата кој служи како потпора за вештачка рожница.
Забот на татка си му го дал 23-годишниот син Роберт. Операцијата траела вкупно 15 часа и е изведена во две фази, од кои првата траела десет, а другата пет часа. Мек Никол рекол дека бил свесен дека се работи за многу тешка операција и дека има 65% шанси пак да прогледа.
„Видот ми се врати во доволна мерка да можам да се движам и да гледам телевизија.Излегов од потполната темница и можам да се грижам за себе“ изјавил Мек Никол.
Јасминка Т. Момироска