Шкотланѓанката Кеј Јури излегла од својата куќа два дена пред Божик за да купи мисирка, а се вратила дури после еден месец. Била жртва на снежното невреме кое ја зафати Велика Британија последниве неколку седмици. Кеј, која живее во Кејп Врат, на крајниот север од земјата, им се придружила на група сограѓани кои тргнале во Инвернес на шопинг за божиќните празници.
Се одело според планот и веќе била на пат да стигне дома кога автобусот со кој патувала бил запрен од снежното невреме на само 17 километри од Кејп Врат. Патот поради снегот бил блокиран скоро еден месец, па Кеј била приморана да остане и да ги помине новогодишните и божиќните празници кај едни пријатели, а нејзиниот сопруг останал сам дома. Кога се вратила дома, таа и нејзиниот сопруг си ветиле дека ќе организираат божиќен ручек, па макар и со еден месец задоцнување.