Околу 150 работници на Велики Четрток повторно протестираа пред управната зграда на холдинг компанијата Отекс – Охрид. Тие бараат исплата на платите и придонесите, за што одговор бил побаран од раководството на компанијата.
“Баравме акционерот Абдураман Ибраим – Дури да дојде и да ни каже дали ќе бидеме исплатени, дали ќе почнеме со работа и зошто нема струја, наместо тоа бевме измамени од генералниот директор Владимир Шуменковски кој ни рече дека денеска пред Велигден ќе има плата за сите линеарно, но нема ништо од тоа“, ни изјави Митко Ристески вработен во Отекс.
Митко Ристески
Ристески вели дека незадоволството кај работниците кулминирало и дека тие ќе ги радикализираат протестите со цел да го свртат вниманието на државата. “Остануваме во фабриката ќе ги затвориме капиите и ќе го отстраниме раководството од управната зграда.“, рече Ристески. Трпението на работниците е при крај вели Ристески кој го повика премиерот Груевски да стави крај на нивната агонија.
Поради долг од преку 1 милион евра, ЕВН ја исклучи струјата во „Отекс“ на 9 март, производството е запрено, а работниците се на принуден одмор. Дел од нив плата немаат примено и 15 месеци, а придонесите не се платени од ноември 2001 година. Работниците бараат бараат надлежните инспекции и УЈП да интервенираат, а помош бараат и од охридските пратеници, локалната самоуправа и од владата.
Раководството на компанијата неодамна преку соопштение информираше дека интензивно работи на изнаоѓање решение за излез од кризата.
Г. Момироски