„Дојдовме да побараме помош и од градоначалникот и од Општината, било каква, макар и совет, за да ги оствариме нашите права на плата и ПИОМ и правото на работа. Ситуацијата во „Отекс“ веќе подолго време е катастрофална и се заканува опасност 650 вработени да останат на улица“.

Вака меѓу другото, штрајкувачите од Отекс ја предочија својата положба на состанокот со шефот на кабинетот на градоначалникот, Тони Чинго.


Дојден е нож до коска. Отексовци пред Општината

На состанокот во малата сала на Општината што траеше околу еден час, Чинго беше информиран за крајно лошата состојба во Отекс, за неисплатените лични доходи (некои работници немаат земено плата 2 години), за раскрчмувањето на имотот на фирмата, деловни простори низ цела бивша Југославија „се продаваат, а парите ги нема нигде“ и за арогантниот однос на бордот на директори кој не сака да се сретне со нив и да ги забележи нивните барања.


Ќе биде медијатор. Тони Чинго

„Иако Општината односно Локалната самоуправа има само неколку сегменти во кои има авторитет, а во случајов никаков бидејќи се работи за приватна фирма, не е во интерес граѓаните – работници во Отекс да бидат обесправени или да останат на улица“, изјави Тони Чинго. „лично ќе се заложам односно ќе бидам медијатор помеѓу вас и некои од директорите на фирмата, да дојде до состанок и да се реши на некаков начин лошата ситуација за која сум свесен“, додаде тој.

„Бараме да се разреши состојбата, ако треба да одиме и во стечај, што според неколку адвокати кои ги консултиравме е најдобро решение“ – вели Митко Ристески, работник од Отекс.


Симка Цизалоска – 24 месеци без плата

Долговите на „Отекс“ се проценуваат на околу 20 милиони евра, управната зграда е под хипотека, а два погони се продадени. Фабриката нема струја од 9-ти март оваа година поради неизмирени сметки за неколку години. Од мај 2006, 51% од акциите во Отекс поседуваат струшката компанија КБК ДОО и Фани екстра скопско од Струмица. 49% од акциите сеуште се во сопственост на работниците кои најавија поорганизиран начин на барање своите права (веројатно ќе формираат здружение) а како крајна мерка ќе биде „превземање на фабриката, нема друго“ – велат тие.


Текст и фото:  

Спаско Костоски