Помала група незадоволни работници од холдинг компанијата Отекс – Охрид, денеска одржа предупредувачки собир пред управната зграда.

Тие бараат исплата на плати и придонеси за здравствено и пензиско осигурување, поради што, како што велат „со години не добиваат сини картони.“

Претседателот на Независниот синдикат Кирил Јосифовски рече дека работниците шест години работат на црно, три – четири години немаат земено сини картони, а платите доцнат со месеци. Тој рече дека новото раководство ветило подобрување на состојбите, но од тоа како што рече нема ништо.


„Од понеделник масовни протести“. Кирил Јосифоски.

Независниот синдикат побара надлежните инспекции да го испитаат работењето на „Отекс“ и да ги заштитат работниците. Оттаму најавија дека во понеделник работниците помасовно ќе се соберат и ќе бараат средба со раководството на „Отекс“, по што ќе биде одржана прес конференција.

Новото раководство на компанијата денеска информираше дека поради неплатен долг кон ЕВН, Отекс е без струја поради што била донесена одлука сите работници да заминат на колективен одмор во наредните 10 дена, период во кој како што соопшти раковоството, ќе бидат речени сите отворени проблеми. Оттаму информираат дека на барање на работниците денеска бил одржан состанок со нив, на кој се разговарало за актуелните случувања во Отекс.

Раководството на Отекс денеска демантираше дека се доцни со исплаќање на платите. Тоа тврди дека од кога дошло на функција, во месец мај, досега не била исплатена само една плата. 

Во холдинг компанијата Отекс некогаш работеа над 3000 работници. Денеска има 650 вработени. Од мај 2006 сопственици на 51% од акциите се стручката компанија  КБК ДОО  и ФАНИ ЕКСТРА СКОПСКо од Струмица.