Принципот на отвореност и транспарентност се главните темели на кои се заснова функционирањето на една општина и се клучен фактор за одговорно управување, легитимно и ефикасно работење. Иако оваа локална власт покажа висок степен на отчетност пред граѓаните и секојдневно споделува информации за сите активности, во интерес на јавноста, сметавме дека потребно да направиме еден краток двегодишен осврт на реализираните проекти со кои ги подобривме условите за живеење во нашиот Охрид, вели во видео обраќањето градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Одржувањето и обновувањето на сообраќајната и комуналната инфраструктура е еден од нашите најважни приоритети. Од Подмоље до Пештани, Велгошти, Лескоец, приградските населби и Централното градско подрачје. Речиси и да не постои дел од територијата на Општина Охрид каде немаме реализирано активности за асфалтирање, како и поставување на нови водоводни и канализациони линии, вели Пецаков.

Во изминативе две години, потенцира, изградени се 18 детски и спортски повеќенаменски игралишта, а реализирани се и низа проекти за подобрување на условите во сите основни и средни училишта во градот.

Извршивме комплетна реконструкција на тоалети, беа поставени нови подови, нова електрична инсталација, беше извршена набавка на нова опрема за училниците и нови компјутери. Особено сум задоволен на проектите за реконструкција, со кои средното економско училиште доби комлетно нов лик, а се радувам и на големиот број на инвестиции, со кои охридската гимназија ќе го добие изгледот кој го заслужува. Исто така, продолживме со вложување во електромашинскиот училишен центар, кој прерасна во вистински пример за современо стручно училиште.

Општина Охрид, вели, стана лидер во спроведување на младинските политики, а во изминатите две години поддржани се 38 спортски клубови, спортски здруженија, спортски манифестации и спортисти индивидуалци.

Дадовме голема поддршка и на културата, бевме покровители на многу културни настани, манифестаци, фестивали и концерти, а дадовме и голема поддршка на издавачката дејност со која покажувме голема почит кон книжевноста и литературната дејност. Во делот на заштита на животната средина бевме ангажирани за креирање на конкретни мерки и проекти кои ќе придонесат за почиста средина и зачувување на природните вредности. Можеме да се пофалиме дека благодарение на локалната самоуправа, во Охрид инвестираа и започнаа со работа две странски фирми кои имаат повеќе од 100 вработени.

Изминатите две години, истакнува Пецаков, Охрид ја потврди својата позиција како една од најпривлечните дестинации во регионот и оствари исклучително успешни туристички сезони. Подобрени се и условите за работа на јавните претпријатија и услугите кои ги даваат на граѓаните.

Убеден сум дека на наредниот осврт за сработените активности ќе презентираме многу поголеми проекти, ќе имаме одблокирана сметка и ќе ја прикажеме финансиската стабилност на Општинскиот буџет, на која посветено работиме. Како и до сега, остануваме отворени за соработка и во служба на интересите на граѓаните, додава Пецаков во отчетот за сработеното изминативе две години.

Н.С.Ј.