На седницата од Управниот одбор во Ракометната федерација на Македонија (РФМ) отчет даде и селекторот Данило Брестовац. Тој зборуваше за ЕХФ неделата, подмладувањето во селекцијата и плановите на селекцијата за Европското првенство следната година.
Победивме во два натпревари кои ни беа многу важни за нашето понатамонашно рангирање, добивме и полесна група на ЕП 2020. Успеавме да победиме во мечевите со Турција и Грција, почнуваме да внесуваме и млади ракометари. Имавме проблеми со Манасков, но тоа беше можност да видиме колку можат Маџовски и Димитриоски. Се појави и Костески, кој потпиша со Загреб, што е потврда дека можеме да сметаме на него на подолги стази. Стратегиски добро се движиме, направивме голема работа и ги завршивме квалификациите на најдобар начин. Би било најдобро ако можеме да подмладуваме, но и да го задржиме ритамот на ЕП и СП. Мора и самите да бидеме свесни дека целата стратегија е тежок процес.
Што се однесува до ЕХФ-неделата, имавме мешан состав. Одигравме четири натпревари, два меча со Грузија на домашен терен, бевме и гости во Турција каде игравме со домаќинот и Италија. На овие подготовки имавме можност да провериме повеќе ракометари. Во Турција проверивме 16 имиња, можам да бидам презадоволен од она што го видов. Можеби од овие репрезентативци само неколку имиња ќе употребиме на подготовките за ЕП 2020. Потребен е уште еден дел на финално созревање. Имаме играчи кои го свртеа моето внимание, може да го издвојам Мишевски, кој игра во Франција, како и Мартин Поповски кој претходно доби „жолт картон“, но сега се најде на списокот и максимално ја оправда довербата. Стандардните репрезентативци во оваа ЕХФ недела имаа помала минутажа. но се направи комплетен мониторинг на сите репрезентативци. Се надевам дека до стартот на подготовките ќе го имаме тој скратен список на сите репрезентативци кои би конкурирале за најдобрите 16 на Европското првенство. – соопшти Брестовац.
Потоа го презентираше планот за подготовките на македонската репрезентација за Европското првенство.
Ние како стручен штаб изготвивме план и програма. Подготовките ги стартуваме на 21 декември во Скопје, имаме закажан турнир во Романија на 28 и 29 декември, во еден систем на Ф4. На овој турнир исто така би сакал да одам со поширок список, поради обврски во клубовите нема да ги имаме сите репрезентативци. Ќе имаме проблем и со играчите со поголема минутажа, па затоа би ја искористил оваа недела за рекуперација. Тука би ги ставил Лазаров, Манасков, Ристовски… кои би се приклучиле на најдобриот состав на 2 јануари во Скопје. Потоа веднаш заминуваме за Словенија, каде ќе бидеме од 2 до 9 јануари и ќе ги финишираме подготовките. На 3 јануари ќе играме со Словенија, на 5 јануари со Црна Гора, а на 9 заминуваме за Виена. – додаде селекторот.
Европското првенство за Македонија стартува на 10 јануари со дуел против Украина, а потоа следат мечеви со Чешка (12 јануари) и Австрија (14 јануари), во рамки на групната фаза.
OhridNews