Градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески, во придружба на директорите на јавните претпријатија и најблиските соработници од неговата администрација, денеска на прес конференција, на која присуствуваа раководители на јавните служби и институции, даде отчет за сработеното во двете години раководење на локалната самоуправа.
Бакрачески отчетот го започна со финансиската состојба на општината, посочувајќи дека „долговите на општината не само што повеќе не растат, туку имаат и сигнификантен тренд на опаѓање“.
-Јавните претпријатија не генерираат нови долгови, некои ги намалуваат долговите, а некои дури и остваруваат позивни резултати во работењето.-рече Бакрачески.
Тој истакна дека затекнал општина на раб на банкрот, но со домаќинско работење и искористување на сите човечки ресурси од април 2013 до март 2015 локалната самоуправа исплатила 491 523 721 денар од обврските по сите основи.
-Вкупниот долг денес е намален за над 175 милиони денари. – додаде Бакрачески.
Осврнувајќи се на работата на јавните претпријатија градоначалникот подвлече дека ЈП „Охридски Комуналец“ за последните две години има исплатено 26 073 176 денари по основ на главен долг, камата и заостанати плати, работењето на претпријатието е стабилизирано и не се генерираат нови долгови. МЈП „Проаква“, продолжи Бакрачески, денес можеби бележи најдобри резултати во работењето, со оглед дека затекнатата финасиската состојба беше најлоша, со годишна загуба од над 52 милиони денари. На крај од 2014 таа е намалена на 28 133 000 денари, посочи Бакрачески. Тој рече дека уште подобра е состојбата на јавните претпријатија „Гробишта“, „Нискоградба“ и „Градски пазар“, а ЈП „Билјанини извори и покрај исклучително тешката состојба успеало својот долг да го намали за над два милиони денари.
Осврнувајќи се на реализираните инфраструктурни проекти, Бакрачески рече дека неговите две години на чело на општината, биле најуспешни во било кој мандат.
-Асфалтирани се 66 780 метри квадратни улици во градска средина во вредност од 27 647 330 денари.-истакна Бакрачески. Тој додаде дека уште 51 714 679 денари се инвестирани во рурални средини, од кои 43 562 287 денари се средства на Владата, по проекти за прв пат изработени од општина Охрид кои опфаќаат патни правци и улици во Долно и Горно Лакочереј, Велестово, Вапила, Сирула и Косел во должина од 11,6 километри, а соспствени средства од буџетот асфалтирани се улици во Велгошти, Лескоец, Пештани, Коњско...
Бакрачески се пофали со изградба на нови водоводи и канализациони мрежи во вредност од 84 169 000 денари. Го спомна разубавувањето на градот и изградба на паркови, зеленило, спортски и детски игралишта во повеќе населби. Ги наброја спортските настани кои во изминатите две години се одржаа во Охрид, отвотрањето на спортска аадемија, како и инвестициите во спортот, издвојувајќи ја изградбата на фудбалското игралиште со вештачка трева и вложувањата на општината во РК Охрид кој настапува во Супер лигата.
Во сегментот на образованието, Бакрачески рече дека општината успеала образовните институции да ги постави на здрави нозе, а во реконструкција, обнова и подобрување на условите за настава вложени се 7 676 845 денари, додека вкупните трансфери кон сите училишта изнесуваат 41 766 342 денари.
Зборувајќи за културата, Бакрачески ја истакна поддршката на општината на најзначајната културна манифестација во земјата „Охридско лето“, манифестациите „Прличеви беседи“, „Поетска ноќ во Велестово“, интернационалниот фестивал на француски филм, „Бадниковата литија“ и други, а две години општината е главен финансиер и организатор на најголемата верска манифестација Богојавление – Водици, рече градоначалникот.
Бакрачески се осврна на придонесот и помошта на општината за социјално загрозените граѓани, грижата за наталитетот, субвенционирањето на комуналните трошоци за 300 охридски смејства, организација на образовни курсеви за ранливите категории и поддршка на граѓаните чии домови изгореа во пожар. Тој ја истакна и поддршката на центарот за грижа на лица со посебни потреби „Зраци“ и Црвениот крст.
– Како резултат на тоа денес општина Охрид е една од водечките во водењето на социјалната политика, рече Бакрачески.
Посебно внимание општината обраќа на туризмот и подобрување на економските перформански, истакна градоначалникот Бакрачески.
– За таа цел изградивме нова стратегија и пристап во привлекување на странски туристи, инвестиции и отварање на нови работни места. За прв пат во општина Охрид и во Република Македонија изработвме брошура „Инвестирај во Охрид“, во која интергрирано се поместени сите податоци за економските потенцијали и поволностите за идните инвеститори. За прв пат Охрид се презентираше во Стразбур, Белград, Прага, Далијан – Кина.- истакна во обраќањето Бакрачески. Како резултат на напорите на локалната самоуправа, од охридскиот аеродром стартува директна авио линија Охрид -Лондон, а од 1-ви јули Охрид – Базел. Започнати се активности за подигање луксузен хотел од светски познатиот ланец „ Small luxury hotels“, кој треба да биде готов за две години, а инвестициите на ОДВ и Костел се потврда на определбите и на владата и на локалната самоуправа за стопанско заживување на Охрид, креирање на нови работни места и подигање на животниот стандард, додаде Бакрачески.
Зборувајќи за капитални проекти, градоначалникот најави дека ова лето ќе започне изградбата на затворениот зелен пазар по принципот на јавно приватно партнерство, а наредните две години, како што рече, ќе бидат револуционерни.
– Со финансиска поддршка на Светска банка оваа година ќе бидат реализирани девет инфраструктурни проекти во општината, ќе се набават најсовремени возила за урбана хигиена за ЈП„Охридски комуналец“ во вредност од 128 милиони денари. – истакна Бакрачески.
Градоначалникот рече дека општинската администрација ќе продолжи да работи чесно, отчетно и транспарентно, најавувајќи дека реализацијата на, како што повтори, револуционерните проекти, започнува уште денеска со почеток на градежните работи за реконструкција на улицата „Питу Гули“.
Г.М.