„Домот на куклата“ е пиеса со извонредна драматуршка конструкција и е најчесто поставуваната драма на Хенрих Ибзен. За времето кога се појавило, делото било исклучително смело во третманот на жената во општеството и семејството, како и во контекстот на цврстите морални норми, така што предизвикало многу полемики, но истовремено и восхит. Ова дело на Ибзен било објавено во 1879 година, во времето на револуции и општествени промени во Европа, во исто време со појавата на движењето за рамноправноста на жената. Токму оваа драма во тоа време предизвикала бура од реакции, преку приказната за жената што е верна и послушна сопруга, пожртвувана и посветена мајка, но која, пред се’, сака да биде слободна и инвентивна жена. Пиесата претставува жестока критика на општеството, со силна порака за негување на индивидуалната слобода. Преку неа Ибзен внесува нова поетика и естетика во драмската литература, врз која се темели една нова ера на драмската уметност во Европа и во светот.
Младата актерска екипа од охридската гимназија, со својата бравурозна изведба на пиесата и со една неочекувана длабочина и зрелост, многу успешно проникнува до самата суштина на драмскиот текст. Поставената драматуршка конструкција е извонредна, како поради строгата класична драмска поставка, така и поради автентичната сценографија и костимографија, а посебно поради инвентивниот пристап кон комбинација на драмската игра со живата музика. Современите музички хитови, со кои е испреплетено драмското сиже, метафорично ја доловуваат актуелноста на темата и во нашето современо оштествено живеење.
Многу реалистично, пластично и енергично е доловена атмосферата на едно застарено општество од крајот на XIX век и малограѓанштината со наметнати морални стеги и лажни општествени норми. Претставата е симбол на моменталната заробеност на обичниот човек во секојдневието, но и силна порака за индивидуалната слобода.
Младите актери – ученици аматери, меѓутоа со несомнено длабоки професионални перформанси, успеаја да ослободат голема и искрена енергија на сцената и притоа да и‘ ја доловат на публиката смислата на човековото индивидуално битисување – бескомпромисна искреност кон самиот себе, длабоко почитување на сопствениот интегритет и личните чувства во односите со животниот сопатник, споделување на чиста и искрена љубов, и претпочитање на личните права и слободи пред наметнатите општествени квазинорми, лажни вредности и застарени стереотипи. Со еден збор – прекрасно театарско доживување, преполно со енергија и емоции, кое никого од присутните не го остави рамнодушен.
Томислав Тунтев
Сценарист и поранешен актер аматер
Инаку Драмската секција при ОСУ „Св.Климент Охридски“ ја изведе преставата „Домот на куклата“ вчеравечер на сцената на Центарoт за култура „Григор Прличев“. Режисер на претставата е професораката Ирена Бачиќ, а улогите ги толкуваат учениците Поликсена Тунтева, Стефан Здравевски, Емилија Алексијоска, Наум Шапкаровски, Адриан Димитријески и Мартина Целеска. Музичка придружба на претставата е оркестарот при ОСУ „Св. Климент Охридски“ под раководство на професорот Љупчо Аслимоски, а вокалната изведба ќе биде на Ирма Гогова и Мартина Целеска. За сценографијата на поретставата се погрижи професорката Катерина Слатиноска.