(Осврт кон поетската книга „Долина на луњите и љубовта“ од Саме Лимани- Жарноски)

Емотивна. Длабока. Искрена. И родољубива. Таква е поезијата на Саме Лимани- Жарноски. Исткаена како од најнежната нишка љубов, зрачи со својата непорочност и чувствителност. Токму насочувањето кон неосознаената Долина значи и поттик за согледување на она што постои зад планината создадена од незнаењето. Луѓето се тие кои го создаваат и невремето, и љубовта. И само тие можат да ја оттргнат маглата надвисната над ридовите осаменост.

Како што исти зборови може да искажуваат различни убедувања, така и религиите делат исти текови што течат од единствениот извор на Чудото. Колку што Македонија е држава на Македонците православни, толку е држава и на Македонците муслимани.

Саме Лимани- Жарноски е македонски поет, роден во селото Жировница, реканско, а со својата поетска оставштина остана на браникот на македонската национална опстојба. Тој е препознатлив буден светилник во одбрана на своето достоинство и на Македонците муслимани, во афирмацијата на Реканскиот крај и неговата родна Жировница. Во неговата петта поетска книга, „Долина на луњите и љубовта“, тој упатува покана до читателите да го посетат реканскиот крај кој изобилува со раскош претставен од природата. Во исто време, авторот ја искажува гостољубивоста на тамошниот народ:

„Дојдете во волшебната Долина
Да ни посакате здравје и убавина
И да ве почестиме со грст добрина
По добро да нѐ паметите“.

Патувајќи низ годишните времиња, Лимани- Жарноски ја опишува Река со сите свои убавини како поттик за своите читатели да го запознаат Реканскиот крај. Ги поканува со желба за запознавање, бидејќи доколку бидат осознаени навиките, својствата и карактеристиките на една група луѓе, тогаш ќе исчезне невидливиот ѕид што го создава само човековата илузија. Луѓето се плашат од непознатото, од нешто што не го осознале, а причината за ваквата појава се наоѓа во комуницирањето. Затоа и Лимани- Жарноски повикува луѓето да дојдат, да ја посетат Река:

„Дојди пријателе во мај во Река
Ќе те искачам на румени крилја од чудесни спили
Да ги видиш одблизу зебрите и леопардите
Испружени и дремливи во височините
И потем да сфатиш-
Зошто сакам да бидам закопан овде“.

Опишувајќи ја сплотеноста на природата, авторот се осврнува на Кораб и неговите снежни врвови во јуни, наспроти морничаво треперливата Радика. Давајќи им својства како на луѓе, тој ја искажува соединетоста и љубовта на Кораб и Радика како дел од идиличната слика на Реканскиот крај, а со тоа недвосмислено посочувајќи ја универзалната порака: почитувањето и љубовта. Сè додека постојат, луѓето треба да ги негуваат овие принципи. Преку поезијата во книгата „Долина на луњите и љубовта“, Лимани- Жарноски се јавува и како хроничар. Тој го опеал и настанот што се случил во зимата, 1956 година кога лавините на Горна Река однесле повеќе десетици животи. Како ловец на секојдневните моменти успеал да го опише навестувањето од планината.

„Волци завиваат по Долината
Волци
В о л ц и
Тие ја претчувствуваат смртта
Што се токми да се зададе по прудолницата“.  

А со тоа, авторот ја запечатил оваа приказна од 1956-та, сведочејќи притоа за нејзината кобност. Поезијата на Саме Лимани- Жарноски претставува силен мотив и поттик за сите оние кои сакаат да откријат нови предели и луѓе подготвени за пријателство. Неговото пеење отвора теми кои се актуелни и во денешно време, бидејќи посочува на потребата за почитување и соживот, а кои се пак, основни принципи во социјализацијата на секој човек. Читајќи ги овие песни, секоја индивидуа  може да допушти да биде водена кон позитивните морални вредности што претставуваат императив на живеењето во светот на различностите.

 М-р Лидија Размоска