Повод: 80 години живот и 50 години публицистичко – творечка дејност
Таму кадешто се соединуваат небото и земјата, таму кадешто се раѓа новиот ден, тука започнува зборот. Од прекрасна симбиоза на зборови и слики произлегува новата книга „Библиографија“ на Стојан Ристески во која е овековечено целото негово досегашно творештво, сето она што треба да остане запаметено како сведок на неговата 50-годишна публицистичко – творечка дејност и 80-годишен активен живот.
Поттикнат и инспириран од историјата на македонскиот народ, а воедно со цел зачувување на македонскиот литературен јазик, авторот директно и недвосмислено им пришол на проблемите кои го загрозуваат македонското постоење. Па така, започнува со книгите кои го овековечуваат постоењето на личности, помалку познати, но значајни за историјата, за да продолжи со книгите за создавањето на современиот македонски јазик со што уште еднаш се потврдува тоа што отсекогаш постоело. Не помалку значајни се и книгите од творештвото на Ристески кои го опишуваат макотрпниот пат до самостојноста на Република Македонија. Како со невидлива нишка се поврзани малтретирањата, измачувањата, тепањата, исцрпувањата, убиствата на Судените за Македонија и неговата потреба и почит да го запише сето тоа, а водејќи се само од една помисла – само она што е запишано останува во трајно сеќавање. Посебно интересни и книги што привлекуваат внимание се тие две во кои авторот ги изнесува податоците и фактите за неговиот животен пат и што претргал заради своето „мислење само за Македонија, а не за Југославија“. Во книгата „Охридското Езеро и неговата заштита“ изнесени се постојните сознанија во науката, состојбата на теренот со богато застапена фото – документација и со посебна посвета на неговата покојна сопруга Верица за која има напишано и посебна книга. Таа книга претставува спомен – албум на авторот и израз на љубов, почит и благодарност на сопругот кон својата животна сопатничка.
Посебно место во библиографијата зазема и монографското дело за Воислав И. Илиќ како за човек со плодна уметничка и научна дејност, составено од три делови: Животни текови, Творечки текови и Библиографија и Литература. Ристески зборува за Воислав И. Илиќ како за најголем амбасадор на македонистиката во српско – хрватското јазично подрачје, прв Македонец кој во Битолскиот литературен круг меѓу двете светски војни објавил стихозбирка и за неговата основоположничка улога во развојот на македонската азбука и граматичка терминологија. Посветеното внимание и место во Библиографијата на Ристески претставуваат значаен придонес кон животот и делото на Воислав И. Илиќ, бидејќи не само во времето во кое живеел туку и „до ден денес на Воислав И. Илиќ во Република Македонија не му е дадено заслуженото место во историјата на македонската македонистика“.
Во новообјавеното дело на Ристески значајно место заземаат и монографиите што ги напишал за неколку села во охридскиот регион меѓу кои е и монографијата за неговото родно село Лешани. Пред крајот во новата книга на Ристески се содржани оние дела во кои тој се појавува како дел од редакција, а исто така како сведок за целото негово творештво во книгата е поместен и регистар на неговите објавени прилози во периодиката, во зборници и во книги, неговите реализирани иницијативи, а на самиот крај од книгата се наоѓа користената литература.
Онаму кадешто завршува зборот, таму започнуваат чувствата. Крајот на зборовите во оваа книга завршува со две фотографии. Со читање и препрочитување на Библиографијата на Ристески може да се потоне во рој од чувства кои понатаму, несомнено, ќе поттикнат нови дела. Со надеж и верба дека тука не завршува плодната работа на д-р Стојан Ристески туку дека и понатаму ќе продолжи да ја збогатува македонската литература со нови дела кои се од големо значење за постоењето на македонскиот јазик, му го честитаме 80 годишниот роденден и 50 годишната публицистичко – творечка дејност. За многу години!
***
Д-р Стојан Ристески е роден на 2 ноември 1932 година во Лешани, Охридско. Завршил Учителска школа во Битола (1952), Виша педагошка школа (1957) и Филозофски факултет (1960) во Скопје, а на 30 јуни 1975 год. докторирал на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Целиот свој работен век го минал работејќи како просветен работник. Автор е на бројни дела. Живее и твори во Охрид.