Со света архиерејска литургија и други црковни церемонии, во с. Лескоец беше осветена црквата Свети Илија-Пророк .
црквата Св. Илија во Лескоец
Оваа црква започнала да се гради пред 11 години, а иницијатор токму на ова место да се подигне храм посветен на Светиот Пророк Илија е Олгица Пацеска, жител на Лескоец. „ Мене ми се сони на ова место да изградам црква на Свети Илија и оттогаш со божја помош и средства на народот успеавме да ја изградиме црквата“, ни изјави Пацеска.
Изградбата на црквата чини околу 500.000 евра, средства кои биле собрани од народот и донатори.
црквата е фрескоживописана
На свеченоста што се одржа денеска во Лескоец присуствуваа голем број граѓани,а црквата ја осветија митрополитите Брегалнички г. Иларион и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој истакна дека „изградбата на оваа, како и на голем број други цркви ширум земјата, претставува доказ дека верата кон Бога во нашиот православен народ е многу силна“.
Важно е како а не каде ќе се одбележи Илинден !
Во врска со проблемот околу чествувањето на АСНОМ во манастирот Прохор Пчињски, владиката Тимотеј во разговор за ohridnews, рече дека многу е поважно како а не каде ќе го одбележеме Илинден.
Повлекувањето на барањето македонска делегација да го чествува 2 Август во манастирот Прохор Пчињски во Србија е одлука на Владата, но тоа е достоинствен одговор, смета портпаролот на МПЦ, г.Тимотеј.
„Многу е поважно како духовно ќе го одбележиме празникот и како ќе им оддадеме почит на нашите минати генерации кои ги дадоа животите за слободата на македонската држава и народ, а не дали ќе бидеме во Прохор Пчињски на Мечкин камен или на некое друго место“, вели г. Тимотеј.
Според владиката Тимотеј најважно пред се е настанот да се одбележи со достоинствен пиетет како што доликува кон оние кои ги положија своите животи за Македонија.
Г. Момироски