Со црковни свечености денеска на празникот „Собор на свети арангел Гаврил и преподобна Сара Египетска“ беше осветен храмот посветен на Пресвета Богородица во селото Скребатно. Чинот на осветување го изврши митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј кој отслужи света архиерејска литургија. На осветувањето на црквата присуствуваа голем број верници и гости.



Со донации на верниците и жителите од скребатскиот крај црквата Св. Богородица целосно е возобновена пред 5 години на темелите на стариот храм, кој со точност не се знае од кога потекнува. Скребатно кое се наоѓа на надморска височина од 1000 метри по течението на Скребатска река, за прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година.


Осветена црквата Св. Богородица во Скребатно

Скребатно – скриениот рај

До црквата Успение на Пресвета Богородица се стигнува по асфалтиран пат кој поминува низ прекрасен крајолик  Оддалечена е околу 9 километри од селото Лескоец.


Над црквата уредено е излетничко место кое како и црквата изградено е со донации и доброволна работа на вредните скребаштани кои не го заборавиле своето родно место. Напротив, тие секој викенд доаѓаат и го чистат просторот, градат, поправаат.


Самото место изобилува со вода, многубројни изворчиња, потоци и реки. Сето тоа убаво е средено, направена е чешма и базени кои се порибени со охридска пастрмка. Околу се поставени маси и клупи, изѕидани фурни каде можете да испечете скара или да направите ѓомлезе.

Посебно внимание е посветено на хигиената, па на секој чекор има поставено корпи за отпадоци и натписи да се чува околината.


Со црквата и целиот комплекс управува црковен одбор избран од селаните. Црковниот одбор посебно е ангажиран за празникот на црквата кој е на 28 август на денот на Голема Богородица. Тогаш луѓе од сите краишта го посетуваат ова место, доаѓаат и со шатори да преспијат. За овој ден се организира голема општонародна веселба, се колат овни, се дава ручек за сите посетители. Но и по празникот ова место продолжува да живее  сред недопрената природа за да одново биде откриено од некои нови посетители.

Ohridnews