Со свеченост што по повод празникот Сите Светии-Си Свети се одржа утрово во истоимениот манастир во охридското село Лешани, беше осветен возобновениот манастирски конак. По повод празникот се одржи света архиерејска литургија на  која чиноначалствуваше неговото преосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение со митрополитот Брегалнички Иларион.



Манастирот Сите Светии својот празник го празнува една недела по Духовден. Во минатото уште еден ден порано во манастирот се слевала река народ од Дебарца, Охридско, Струшко, Малесија, Копачијата, Демир Хисар и други места. И денес на празникот во Лешани доаѓа многу народ каде традиционално се одржува и панаѓур.



Во 1953 година манастирот Сисвети во с. Лешани, охридско, е прогласен за културно-историски споменик на Македонија. Нема точни податоци кога е подигната малата еднокорабна црква посветена на Сите Светии. Но сите показатели зборуваат дека се работи за многу стар објект. Познатиот руски научник Виктор Иванович Григорович, при посетата на Македонија во 1845 година забележал еден натпис во црквата на кој пишувало дека е соѕидана и живописана со труд и помош на работ Божји Ни… Божикев од град Охрид во деновите на архиепископот Никодим во 1452 година. Но, истражувачот од овој крај д-р Стојан Ристески, кој објави монографии и за селото Лешани и за манастирот Сисвети смета дека тогаш била само обновена црквата изградена многу порано и урната при доаѓањето на Османлиите на овие простори. Овој запис што го споменува Григорович денес не постои бидејќи во текот на Илинденското востание црквата била запалена и во поголем дел уништена. Од пожарот бил уништен нартекстот, а фреските биле оштетени, особено во колоритот. Но и покрај тоа денес тие претставуваат значајно културно-историско богатство. По Првата светска војна до старата црква е подигнат нов храм кој е осветен во 1926 година. Црквата на своја сметка ја подигнале жителите на селото Лешани.

Монашкиот живот во овој манастир се возобнови во 2002 година со доаѓањето на јеромонахот Вартоломеј. Во минатиот век овој манастир бил женски и броел околу триесетина монахињи.

ohridnews