Најави за бојкот на маркетите и во Македонија осамнаа на социјалните мрежи, откако веќе во Хрватска беше реализиран бојкот минатата недела, а најави има и за во Црна Гора и Босна и Херцеговина. Според фотографиите кои се раширирија на мрежите, граѓаните во Македонија се повикуваат да не пазарат во петок, на 31 јануари.

Стоп за високите цени на храната по маркетите, стоп за огромниот профит на поединци врз грбот на народот. Да се здружиме сите заедно бидејќи нема кој да не заштити, порачуваат во една од Фејсбук групите.

Реагираат и од СДСМ. Велат Владата и ВМРО-ДПМНЕ и директно Мицкоски се целосно виновни што трендот од регионот за бојкотирање на маркетите се пренесува и кај нас.

Во моментот се најавуваат бојкоти на маркетите од страна на граѓаните по социјалните мрежи. Неспособноста и немањето желба на Мицкоски да се справи со ненормалниот раст на цените, лажните ПР кампањи за кошничките и негрижата за граѓаните, доведуваат до тоа граѓаните сами да се справуваат со проблемот. СДСМ со месеци апелираше и нудеше конкретни решенија за проблемот со цените. Наместо ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати веќе проверените мерки со кои СДСМ се бореше со ценовните шокови, тие решија да го остават проблемот и да го менаџираат со лажни кошнички. Резултатот го гледаме денес, осиромашени граѓани кои треба да бираат кој од основните производи да го купат, велат од СДСМ.

Повикуваат Владата итно да донесе мерки за заштита на граѓаните кои ги нуди СДСМ.

Инаку, во Хрватска минатиот петок започна бојкот на продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените. Сега граѓаните се повикуваат на неделен бојкот од четврток наутро до среда, 5 февруари навечер.

На 31 јануари бојкот на трговските објекти е најавен и во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Од организациите кои повикуваат на бојкот посочуваат дека високите цени подеднакво ги погодуваат сите граѓани, а водечките трговски синџири ги договараат истите.

Н.С.Ј.