ВМРО ДПМНЕ ја објави  листата со  потенцијалните кандидати за градоначалник на општина Охрид за локалните избори кои треба да се одржат догодина. На списокот фигурираат 8 имиња. Првиот партиски филтер по спроведена постапка за евидентирање на можните кандидати за градоначалници според оценка на месните комитети го поминаа:

-д-р Владо Стефаноски – претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ,
-Цветко Грозданов-актуелен пратеник,
-Ѓорѓи Бошалески-раководител на пазарен испекторат,
-Панде Рилкоски-секретар на ОК на ВМРО ДПМНЕ,
-Ацо Спироски-стопанственик,
-Јордан Шикоски-поранешен директор на ЕМО,
-Диме Ефтимоски (Туна),  и
-Никола Вељаноски (Бикче)

Претседателот на охидскиот огранок на партијата, Владо Стефаноски, информираше дека согласно партиските процедура, постапката за избор на кандидати за градоначалник траела од септември 2007г. до средината на месец  јануари годинава. По што листата со  кандидати е испратена до централата во Скопје. “Мислам дека постапката беше демокреатска. Страстите кај  членството понекогаш знаат да зовријат, впрочем генерално, како и кај секоја партија, но поголелеми турбуленции немаше”, вели Стефаноски.

Лидерот  на охридската ВМРО ДПМНЕ уште додаде дека од  високото партиско раководство добиле јасни инструкции, да не се дозволат  превирања или притисоци, бидејќи се работи само за првична листа на потенцијални кандидати, а тоа никако не значи конечен избор на идниот кандидат за градоначалник на Охрид.

Во наредниот период централата ќе избира од предложени кандидати, но не е исклучена и можноста високото партиско раководство да понуди свој избор, незавиен од овие 8 кандидати кои се најдоа на листата. Од партијата велат дека ќе се избира внимателно,затоа и  постапката оди полека и се очекува да заврши некаде до крај на летото 2008 година. Тогаш ќе се знае името на кандидатот со кој ВМРО ДПМНЕ ќе атакува за функцијата градоначалник.

Росица Голабоска