Како што соопштуваат од Министерството за здравство, детето неколку дена било лекувано дома со терапија од матичен лекар, по што лекувањето продолжило на Клиниката за детски болести, а по добиена лабораториска потврда за грип, од 28. јануари било префрлено на лекување на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Таму најпрво било ставено на кислородна поддршка, а поттоа на респиратор, но и покрај напорите на лекарите и дадената терапија, вчера детето починало.
Според извештајот од МЗ, на Клиниката за инфективни болести во изминатото деноноќие амбулантски биле прегледани 14 пациенти со симптоми на грип, од кои шест се хоспитализирани и таму во моментот болнички се лекуваат 48 лица, со докажана или суспектна инфлуенца.
На Клиниката за детски болести амбулантски биле прегледани четири деца, кои биле веднаш хоспитализирани и таму во моментот болнички се лекуваат 18 деца.
Во Градската општа болница „8 Септември“ само еден бил амбулантски прегледан и еден е на болничко лекување, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца-Козле амбулантски биле прегледани две деца и таму вкупно болнички се лекуваат 12 деца.
Од Институтот за јавно здравје информираат за уште седум нови лабораториски докажани случаи на пандемски грип, со што вкупната бројка изнесува 22 лица со потврден А (Х1Н1).
Вкупниот број пријавени случаи со грип во цела Македонија, до вчера, изнесува 8.800 лица, при што се регистрирани вкупно шест смртни случаи, од кои двајца се позитивни на А (Х1Н1), двајца позитивни на типот Б, додека другите двајца биле дијагностицирани според клиничките симптоми на грип.
извор: „Макфакс“