Полицијата денеска излезе со официјална верзија за настанот штo се случил вчера во 06,30 часот во с.Љубаништа-Охрид, помеѓу Граничен камен (ГК) Ф8 и ГКФ8/1 во место викано „Војтино“. По претходни оперативни информации за илегално минување на границата и незаконски лов во подрачјето, граничната полиција поставила заседа, каде на самата гранична линија со две теренски возила дошле 10 непознати лица со ловни пушки и неколку ловечки кучиња.
Истите по кратко време се поделиле во две групи, при што едната група од 5-6 лица се доближила на растојание од 5м до полицијата, кои им издале наредба „Стој полиција, остави го оружјето“. Едно од лицата продолжило да се движи кон нив, при што истите успеале да го фатат, а другите лица почнале да пукаат во воздух. Од страна на полицијата заради одбивање вооружен напад, биле испукани неколку куршуми во воздух. Лицата се повлекле на територијата на Р.Албанија, а едно од нив ја оставило ловната пушка и доброволно дошло кај полицијата. Лицата се приведени во Полициската станица -Св.Наум, каде им е утврден идентитетот, даден по личен исказ: И.Џ.(1963) и Д.Т.(1989), двајцата од Р.Албанија. -соопшти МВР.