Осумдесет проценти од греманските инвеститори повторно би инвестирале во државава, а за 71 процент зголемувањето на цените на енергијата е еден од најголемите ризици за нивниот развој, покажува денеска презентираното истражување за деловната клима на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија АХК и Македонско-германското стопанското здружение.
Во анкетата, спроведена во февруари и март годинава со учество на 45 од вкупно 150 членки на здружението, 80 проценти од анкетираните навеле дека сакаат да ја прошират инвестицијата, како и да го зголемат бројот на работни места во државава. Анкетираните компании се задоволни од квалификацијата и продуктивноста на вработените, како и од квалитетот и достапноста на локалните добавувачи, но искажале незадоволство во однос на борбата со корупцијата, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација.
Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија и раководен член на УО на Македонско-германското стопанско здружение, на презентацијата на резулатите од истражувањето ја нагласи улогата на Германија како важен трговски партнер и еден од најголемите инвеститори во земјава.
Светската економија, а со тоа и нашите две економии се наоѓаат во тешка позиција, но радува фактот што имаме позитивен тренд во трговската размена која лани изнесуваше 4,8 милијарди евра, рече Ванделт.
Според анкетата, годинава во однос на лани за 10 проценти е зголемен бројот на германските компании што сакаат да ја прошират инвестицијата во државава, само 11 проценти очекуваат да го намалат бројот на работни места во текот на годинава, а 30 проценти да го зголемат.
Заменик- амбасадорот на Германија во државава Ото Граф, посочи дека и покрај предизвиците во стопанството, има позитивни показатели кои укажуваат на задоволството на присутните инвеститори. Ова, истакна, го поткрепува фактот што 80 отсто од анкетираните компании повторно би ја избрале Северна Македонија како локација за реализирање на својата инвестиција.
Како што стои во резултатите од анкетата, за германските инвеститори, незадоволството од антикорупциските процеси и процедури, недоволната ефикасност на јавната администрација и скептицизмот за правната сигурност, го отежнуваат долгорочното планирање на нивните активности.
Компаниите опфатени со истражувањето дале позитивна оценка за сопствената деловна состојба, а оценката за општата економската состојба е помалку позитивна. Па така, 22 проценти од анкетираните компании својата моментална деловна состојба ја оценуваат како добра, а 31 процент очекуваат да има подобрување годинава, што е за 11 проценти повеќе отколку во истражувањето во 2022 година.
Зголемен е и процентот на оние кои годинава очекуваат подобрување на деловните резултати во сопствената компанија. Речиси половина од анкетираните компани, 47 проценти, очекуваат зголемување на продажбата, а 22 отсто пад. Позитивен тренд има во продажбата наменета за извоз, 39 отсто од анкетираните очекуваат зголемување на извозот годинава, во споредба со минатата година кога со такво очекување биле 28 отсто.
Според 22,3 проценти, меѓународните синџири на снабдување ќе се нормализираат до крајот на годинава, 2,2 проценти очекуваат тоа да се случи за два месеца, 44,44 проценти дале одговор – во текот на следната година. Дваесет проценти, пак, навеле дека ќе нема екстензивно враќање во првобитната состојба.
Германските компании кои работат во државава вработуваат повеќе од 20 000 лица. И годинешната анкета укажува на недостатокот од квалификувани работници, а како што потсети Ванделт, веќе се спроведува програма за дуално стручно образование по германски модел во соработка со 15 партнерски компании и седум стручни училишта во Кавадарци, Велес, Прилеп, Битола, Охрид, Тетово и Куманово. Повеќе од 420 ученици моментно се обучуват според германските станради за дуално стручно обарзование, а оваа година ќе се запишат 135 ученици во вакви паралелки, најави Ванделт.
Шест проценти од анкетираните компании се со седиште во државава, 33 проценти се од Германија, а 4,4 проценти се од Австрија. Поголем дел се мали и средни компании со помалку од 250 вработени.
OhridNews