Осумдесет години од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава се одбележува денеска во земјава. Република Северна Македонија денеска го чествува државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание.

Делегации на државниот врв, општествено-политичките организации, Армијата, борците, дипломатскиот кор и на гостите од странство денеска во 9 часот во Прилеп ќе положат цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените.

На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на државата, Стево Пендаровски, на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.

Празникот ќе биде одбележан и во Скопје и во Куманово. Во Скопје, чествувањето ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел во 9:30 часот. На свеченостите во Скопје ќе се обратат потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945, Елена Ј. Грујовска, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски.

Во Куманово, пред Спомен костурницата во градот, цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман.

Одбележувањето на 11 Октомври почна вчера со манифестација, во организација на Владата и Општина Прилеп на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде обраќања имаа премиерот Зоран Заев, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна од 1941-1945, д-р Никола Стојановски и градоначалникот Прилеп Јованоски.

Заев во обраќањето до присутните напомена дека празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година прави подобра држава, поубаво место за живеење.

Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите космополитски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите. Северна Македонија е ценет и посакуван партнер, успешна приказна која започна да ја менува приказната на Балканот, порача Заев во Прилеп.

Говорејќи за големината на овој празник Заев истакна дека нашите борци од народно-ослободителната војна, и сите наши претходни генерации, оние што ги вградиле своите дела и животи во слободата, ни ја дале државата како дом за сите, како дом на слободата.

Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите. Денес Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и со сите постулати на државност, со место во Обединетите Нации, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет, членка на НАТО. Македонскиот јазикот се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Уште во самиот почеток на независноста граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност. Тоа е патот на прогресивните демократии, европскиот пат, патот кон демократските вредност, истакна премиерот во својот говор.

На 11 октомври 1941 година Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред. 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава. Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Северна Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО и очекува одржување на првата меѓувалдина конференција која означува старт на преговорите за членство со Европската Унија.

OhridNews