Охридскиот договор денеска е имплементиран во Уставот на Република Македонија, но сеуште постојат дилеми и несогласувања околу овој документ. Иако договорот сеуште има силна поддршка од меѓународната заедница и од поголемиот дел од релевантните политички партии на Македонците и Албанците, постојат политички структуру кои го оспоруваат. Најдалеку од сите отиде ДПА, според која Охридскиот договор е мртов и потребно е да се направи нов историски договор помеѓу Македонците и Албанците. Лидерот Тачи најави дека доколку не се направи тоа ќе побара од албанскиот премиер Бериша да стави вето на интеграцијата на Македонија во НАТО, а се закани и со напуштање на Парламентот на пратеничката група.
Тврдењето на ДПА за вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Абдилаќим Адеми се неосновани и обид за собирање политички поени. Според него застој во неговото спроведување имало токму во времото кога ДПА била во власта. Адеми смета дека нема потреба за нов Рамковен договор, туку напротив, сите треба да го подржаат спроведувањето на постојниот, кој стави крај на еден внатрешен конфликт, кој има меѓународна гаранција и го отвори патот на земјата за зачленување во НАТО и ЕУ.
И претставниците на ЕУ и САД во земјава упатија јасна порака дека иднината на Македонија во евроаттлантските интеграции води преку Охридскиот рамковен договор.
-Оваа недела се одбележува 8-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тоа е можност за владата и сите политички партии да го согледаат прогресот од имплементацијата на Рамковсниот договор.Се разбира дека оваа проценка ќе покаже дека многу е направено, но и дека уште многу треба да се направи. Силно ја охрабруваме владата и сите политички партии да направат се што е во нивна моќ да се осигура максимална имплементација на
Охридскиот договор, изјави неодамна во Охрид евроамбасадорот Ерван Фуере.
Според амбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер рамка за остварување на интересите на сите граѓаните на Република Македонија треба да биде Охридскиот рамковен договор.
– Ги повикуваме сите Охридскиот рамковен договор да го користат како рамка и низ институциите да работат на разрешување на проблемите на нивните избирачи. САД се гаранти на Рамковниот договор и ќе продолжат да работат со македонските партнери на негова потполна имплементација, истакна Рикер.