Шефовите на дипломатии на Словенија, Естонија, Унгарија, Италија, Литванија, Летонија, Полска и Словачка побараа од Европската комисија,  без одлагање, да се донесе одлука за укинување на визниот режим кон државите од Западен Балкан.

Осумте членки на ЕУ упатиле заедничко писмо до потпретседателот на ЕК Жак Баро, еврокомесарот за проширување Оли Рен и шефот на чешката дипломатија Карел Шварценберг.

“Веруваме дека неопходната одлука за олеснување на визниот режим треба да се донесе без одлагање откако државите ќе ги исполнат одредниците и критериумите“, се наведува во писмото.

Според извештаите од Брисел, Македонија е далеку најнапредната од сите држави во регионот, и демонстрира силна политичка волја за завршување на процесот. Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, неодамна во Охрид изјави дека очекува во мај да започне процедурата за симнување на шенгенската бариера за Македонија, а до крајот на чешкото претседателство со ЕУ да биде донесена и политичка одлука за тоа.

Доколку во конечниот извештај Европаката комисија даде препорака која држава или држави од западен Балкан се квалификувани за укинување на визниот режим, а  истата биде потврдена и од Советот на министри на ЕУ, безвизниот режим би започнал да се применува од почетокот на 2010 година.

Ohridnews