Криминална група која се занимавала со недозволена продажба на дрога и оружје, составена од веќе осудени и лица кои извршувале казна затвор во казнено поправната установа од отворен тип во Теферич, е разбиена во полициската акција, спровдена денеска во Струга и струшко.

Во акцијата извршени биле претреси на повеќе локации во Струга и околината, како и во затворот од отворен тип, при што биле пронајдени 4 пиштоли и муниција за истите. Во домовите на двајца осомничени во селата Ливада и Радолишта, како и во стан во центарот на Струга пронајдени биле околу шест илјади евра како и други материјални докази за сторени кривични дела.

МВР излезе со соопштение во кое се наведува дека во акцијата од слобода биле лишени пет осомничени лица, а едно е во бегство. Двајца од нив иако биле на издржување казна затвор, вршеле разни криминални дејствија. Извршена е контрола во струшкиот затвор од каде биле одземена документација и доказен материјал. Дополнително приведено е уште едно лице кое се барало со потерница за извршување казна затвор во траење од 13 години за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Во истрагата било утврдено дека на криминалната група и помагал и инспектор во ПС Струга против кого ќе бидат преземени соодветни мерки.

Пред полицискиот упад во затворот во Струга, забележани биле две непознати лица со патничко моторно возило со албански регистарски таблици кои не поседувале документи за идентификација. При прегледот на возилото, пронајдена била марихуана и лицата се приведени.

МВР соопшти дека ќе продолжи со активностите за обезбедување материјални докази и за други лица за кои постои сомнение дека се инволвирани во случајот или ја злоупотребиле службената положба.

Г.М.