Регионалниот суд во Димитровград ја прогласи бугарската организаторка на екскурзијата во Охрид, Борјана Георгиева за виновна, затоа што извршила надворешно-туристичка активност без потребната регистрација, што е против бугарскиот закон за туризам.

Како што јавува агенцијата „Макфакс“, Гергиева ќе треба да плати 4500 лева за казна,  и освен тоа во период од две години и е одземена дозволата да врши било каква комерцијална активност. Одлуката подлежи на 15-дневен рок за жалба. Борјана Георгиева за време на судењето се изјаснила дека не се чувствува виновна и дека ќе поднесе жалба против пресудата.

При организирањето на екскурзијата од страна на Борјана Георгиева минатиот септември, за време на прошетка со бродот „Илинден“ по Охридското Езеро дојде до превртување на бродот, при што загинаа 15 бугарски државјани.

На 2 јули до судот било поднесено барање за ослободување на Георгиева од кривична одговорност.

OhridNews
извор:„Макфакс“